50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз

Македонија годинава одбележува половина век од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, Франција. Отворен во Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, ова е првиот лекторат по македонски јазик отворен надвор од некогашната југословенска држава. Во текот на неговото 50-годишно непрекинато работење и развивање, овој Лекторат не само што е средиште на македонистиката во Франција и централна точка на македонско-француските академски и културни врски, туку е и клучен центар за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура воопшто во еден дел на Европа.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје заедно со ИНАЛКО го чествува значајниот јубилеј, со заложби за натамошните перспективи за развој на македонистиката на овој реномиран европски висообразовен центар.

– Исправени сме пред историска обврска и одговорност – да го вреднуваме она што е историја и сегашност на македонистиката во Франција и да оствариме влог во нејзината иднина. Во децениите наназад, постигнато е многу. Денес, македонскиот јазик на ИНАЛКО се изучува како главен предмет, на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Тука е и првата професорска катедра за македонистички студии на странска високообразовна институција. Од минатата година, македонистиката има статус на ретка научна дисциплина во Франција и е заштитена. Но, не треба и не смее да се запре тука – вели директорката на Меѓународниот семинар, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа истакнува дека оствареното во изминатите пет децении, не ќе било можно без влогот на сите посветеници на македонистиката, сите досегашни лектори, од првиот, проф. д-р Алекса Попоски до актуелниот, м-р Ѓоко Здравески, но и кадарот на ИНАЛКО, при што за изминативе две децении особено важна е посветеноста на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонски јазик, литература и култура.

– Се надеваме дека и во оваа јубилејна година, македонскиот збор силно ќе одекне во Париз, преку научни согледби, резултати од истражувања, заеднички иницијативи и нови проекти во периодот што следи – вели Мојсова-Чепишевска.