„Пинк Флојд“ ја објавија 50-годишната јубилејна едиција на нивниот епохален албум Wish You Were Here. Од вчера, преку Sony Music, Wish You Were Here 50 им нуди на фановите возбудлива нова перспектива кон еден од најиконичните и најсакани албуми на „Пинк Флојд“. Јубилејната едиција содржи повеќе дискови со реткости.
– Во срцето на оваа специјална колекција се шест претходно необјавени алтернативни верзии и демо-снимки, кои го претставуваат осмиот студиски албум на „Пинк Флојд“ на целосно нов начин што повикува на повторно слушање. За да се одбележи објавата на албумот, објавена е претходно нечуена инструментална микс-верзија на Wish You Were Here која го истакнува свирењето на педал-стил гитарата на Дејвид Гилмор – пишува на интернет страницата на легендарниот бенд.
Wish You Were Here 50 е дочекан со пофалби, а критичарите ги слават и обновената енергија на миксовите и емотивната тежина на албумот што и по половина век продолжува да трае. „Тајмс“ напиша:
„Ако сакате да ја најдете суштината на,Пинк Флојд‘, не барајте подалеку од Wish You Were Here“, пишуваат тие во освртот со пет ѕвезди. Uncut Magazine го опиша новото издание како „безвременско“, а MOJO го дефинира албумот „како релевантен сега исто колку и пред половина век“. Record Collector го опишува како „возбудливо ремек-дело“, а The Telegraph слушна „амбициозно ремек-дело од бенд во врвот на својата моќ“.
50-годишнината на Wish You Were Here е проследена со нова креативна енергија во различни сегменти. Поетот-лауреат Сајмон Армитаж придонесе со поетско дело инспирирано од темите на албумот – емоционална дистанца и отсуство. Поемата, насловена Dear Pink Floyd, „Гардијан“ ја опишува како „епска поема што се чита како мешавина од писмо од обожавател и бунтовни записи на религиозен поклоник.“ Уметникот и перформер Ноел Филдинг создаде серија нарачани слики во чест на Сид Барет и Shine On You Crazy Diamond Pts. 1 – 9, кои сега се објавени како единствено континуирано дело. Creative Review го опиша трудот на Филдинг како „повторно разгорување на сјајниот психоделичен свет од кој произлегоа и Барет и најтрогателното ремек-дело на,Пинк Флојд‘.“
За да се одбележи изданието, од вчера се отвори четиридневна серија поп-ап продавници Wish You Were Here 50, нудејќи им на фановите физички начин да зачекорат во светот на албумот. Поп-ап продавниците се отвораат во Лондон, Барселона, Лос Анџелес и Париз. Wish You Were Here 50 е објавен во повеќе формати, вклучувајќи 3LP, 2CD, Blu-ray, дигитално и Делукс Комплет. Wish You Were Here останува пилар на листите со најголеми албуми на сите времиња. 50 години по првото издание, албумот звучи исто толку резонантно и витално како и тогаш.





