464 ученици и повеќе од 65 професори-ментори од вкупно 20 града и 61 средно училиште вчера учествуваа на регионалниот круг на Економската олимпијада, кој се реализираше истовремено во седум региони низ државата. На натпреварот во училишниот круг учествуваа 3.170 ученици, што претставува рекордна бројка и јасен показател за интересот на младите за економијата и аналитичкото размислување.

Натпреварот се реализира во соработка со повеќе високообразовни институции: Универзитет на Југоисточна Европа – Скопје; Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип; Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола во рамки на прилепскиот регион; Универзитет во Тетово за регионите Куманово и Тетово; Меѓународниот Универзитет во Струга за регионите Гостивар и Струга, како и Француската алијанса – Битола.
– Овие бројки не се само статистика. Тие покажуваат дека младите се подготвени да вложат труд и знаење кога им се дава можност да се натпреваруваат на високо ниво. Нашата амбиција е олимпијадата да стане долгорочна платформа за развој на идни економисти, претприемачи и носители на политики – изјави Орхан Цека, директор на Институтот „Либерална алтернатива“.

Најдобрите ученици од сите седум региони ќе обезбедат пласман на Националното финале, што ќе се одржи во април на Југоисточниот европски универзитет во Тетово. Тројцата најдобри ученици од секој регион ќе добијат вредни награди – лаптоп, таблет и паметен часовник. Од финалистите, петте најуспешни ученици ќе ја претставуваат Македонија на Интернационалната економска олимпијада во август во Античка Олимпија, Грција.
– Успехот на олимпијадата во голема мера зависи од ентузијазмот на професорите и поддршката од училиштата и институциите. Но, подеднакво важно е и активното вклучување на приватниот сектор,“ додаде Цека. „Инвестирањето во младите таленти не е само општествена одговорност, туку и стратешка инвестиција во идниот економски развој на земјата. Веруваме дека бизнис-заедницата има значајна улога во мотивирањето, препознавањето и поддршката на овие млади потенцијали.“
Економската олимпијада е дел од глобалната мрежа на Интернационалната економска олимпијада и се организира од Институтот „Либерална алтернатива“, во партнерство со Economic Fundamentals Initiative – САД.





