Четириесет и еден филм од 27 земји се дел од програмата на 12. издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“, што под мотото „Филмот продолжува“ ќе се одржи до 1 декември. По првпат фестивалот се одржува во хибридна форма – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net и во Кинотеката, на 1 декември.

На конкурсот за годинешното издание пристигнаа повеќе од 1.000 филма од целиот свет од кои во навистина тежок избор беа избрани најдобрите, меѓу кои и три македонски филма. Од минатата година филмовите од програмата се достапни во 13 земји од регионот со што „Мобил фестивал“ добива регионална димензија.

Сите филмови се бесплатни за гледање. Традиционално, филмовите ќе се натпреваруваат за признанието „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм, а ќе бидат доделени и награди за најоригинална приказна, за најинвентивен филм и за најдобра идеја, за кои ќе одлучи тричлено жири.

Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.