Со стиховите на Ацо Шопов, „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“ вчера почна Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура која годинава е посветена на 100-годишнината од раѓањето на големиот поет. Развојот на странската македонистика веќе се одвива по цврсто утврдена патека на која има јасни патокази за развојот и во времето што следи, беше заклучено на лингвистичкиот собир што до 28 јануари ќе се одржува онлајн на платформата зум.

На школата учествуваат повеќе од 40 странски македонисти од 17 држави, а ги поздрави претседателот Стево Пендаровски, покровител на јубилејот за Шопов. Тој им посака успешна работа на македонистите.

Според проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот им порача на странските македонисти и слависти преку Зимската школа уште повеќе да ги засакаат нашата земја и македонскиот јазик, литература и култура.

– Посакувам во следните шест дена, преку наставата што ќе ви ја овозможиме, уште повеќе да ја засакате и уште подобро да ја запознаете, онака како што ја доживувате вие, со сета ваша страст за македонистиката која ве доведе тука. Но, и онака како што ја доживуваше Шопов, со старите паметници на културата, со сета разновидност, со сите богатства, длабочини, патишта и судбини… И за нив да продолжите да раскажувате во вашите културни средини, на вашите универзитети, во рамките на наставата, меѓу вашите колеги, но и во вашите истражувања и научни трудови кои ја говорат научната вистина или во вашите книжевни преводи – рече Мојсова-Чепишевска.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.