Со концерт на саксофонистот на Матс Густафсон од Шведска, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет почнува 40. издание на Скопскиот џез фестивал. Потоа од 22 часот ќе настапи басистката Линда Меј Хан О со својот квартет.

Матс Густафсон е шведски саксофонист, импровизатор, композитор. Неговите богати свиречки техники се вкоренети еднакво во фри-џез традициите и во европската микротонална школа. Неговите стотици албуми како лидер на бендови или многубројни соработки откриваат енциклопедиско познавање на џезот, блузот, авангардната класика, фолкот, па дури и популарната музика, но и кураторска дарба за концепт.
– Чувството за за особеностите на неговите музички партнери му донесе драгоцена репутација на исклучително баран и посакуван соработник. Настапувал и снимал со врвни музичари како Петер Броцман, Џо Мекфи, Дерек Бејли, Нене Чери, Еван Паркер, Џим О’Рурк, The Ex и Томика Рид – велат од фестивалот.

Линда Меј Хан О ќе настапи со Фабијан Алмазан на пијано, Грег Вард на саксофон и со Зив Равиц на тапани. Таа е реномирана басистка и композиторка од Њујорк. Настапувала со Пет Метини, Кени Барон, Џо Ловано, Дејв Даглас, Тери Лин Керингтон, Стив Вилсон, Џери Ален, Виџеј Ајер и други. Родена е во Малезија, а израсната во Перт, Австралија, каде го изучува контрабасот и соло транскрипциите на Дејв Холанд.
– Нејзините музички почетоци се во Австралија, но вистинскиот подем го доживеа во Њујорк, каде во 2008 година дипломира на престижниот Музичка школа „Менхетн“. Истата година, придружувана од трубачот Амброуз Акинмузире и тапанарот Обед Калвер, го издава својот дебитантски албум „Entry“. Во последниве неколку години таа стекнува извонредна репутација. Американската Асоцијација на џез-новинари во 2018 и 2019 ја прогласува за басист на годината, а во 2019 и за музичар на годината – велат од фестивалот.

Скопски џез фестивал ќе трае до недела. Во понеделникот во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје беше отворена изложба на плакати на фестивалот, насловена „Complicate Simply“.

Насловна фотографија: Скопски џез фестивал

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.