Многумина велат дека посебна е врската меѓу овие два града – соработката датира од времето по катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 jули 1963 година
Едниот во срцето на Балканот, другиот во срцето на Европа. Едниот формиран во 14. година пред новата ера, другиот еден милениум подоцна. Обата града доживеале многу уривања и катастрофи – Скопје бил урнат во стравотниот земјотрес во 1963 година, Нирнберг во бомбардирање во 1945, на самиот крај на Втората светска војна. И двата града се издигнале од пепелта. Географски се оддалачени 1.500 километри, но се многу поблиску отколку што се претпоставува. Двата града годинава одбележуваат 40 години од збратимувањето.

Нирнберг 1945 година и Скопје 1963 / Фото: Wikipedia
Многумина велат дека посебна е врската меѓу Скопје и Нирнберг. Соработката датира од времето по катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 jули 1963 година. Веќе во август од Нирнберг пристигнала првата група од 80 младинци кои помагале во расчистувањето на урнатините. Младинците што учествувале во обновата на градот се менувале на секои 2-3 месеци и тоа траело со години. Збратимени во 1982 година, Скопје и Нирнберг 40 години градат заедничка историја. Оние што биле дел од градењето на овие тесни врски, особено на почетокот, со носталгија се сеќаваат на тој ентузијазам. Еден од луѓето што имаат исклучително значење за оваа соработка е Вернер Трини – координатор на оваа соработка од Нирнберг. Тој е еден од малкутемина почесни граѓани на Скопје.
Можеби соработката на полето на културата е највидлива, но таа е на многу повеќе нивоа. Лична заслуга на Трини се многу хуманитарни донации – неколку стотици кревети за болниците во Скопје, апарати за дијализа, опрема за болни, донација на возила, седишта за спортски објекти, храна за бебиња, па дури и морско прасе за скопската Зоолошка градина. Во рамките на 40 години од збратименоста издвојуваме неколку настани по случаен избор што биле во рамките на оваа соработка.

Вернер Трини / Извор: Град Скопје
Пред десетина години пожарникари од Бригадата за противпожарна заштита ги посетиле своите колеги во Нирнберг и Дрезден. Во 2019 година во рамките на 14. Безграничен фестивал на збратимени градови во Нирнберг беше отворена изложба на нашите уметници Петра Јовановска и Наташа Милованчев, Јасмина Главинче, МАТА-Асоцијација на дизајнери и креативни занаетчии, а настапија и Тони Китановски и Черкези оркестра. Делегација од Нирнберг возврати на оваа посета, додели донација на градинката „8 Април“ во Општина Шуто Оризари.
Блиските врски меѓу двата града особено се зајакнаа со воведувањето на нискобуџетните авионски линии во 2015 година.
– Воспоставувањето на директна авионска врска меѓу Скопје и Нирнберг е голем успех за двата збратимени града, не само како туристичка, туку и економска и транпортна врска, којашто требаше уште оддамна да се реализира – рекоа тогаш претставниците на делегациите.

Во 2018 година претставници од Волонтерскиот центар во Скопје учествуваа на семинар посветен на прашањата за миграција, имиграција, емиграција, одливот и приливот на интелигенција во рамките на програмата „Еразмус+“.
Пред десет години, во рамките на одбележувањето на 30 години од збратимувањето, во Нирнберг беше отворена изложба на фотографии од Владимир Арсовски, член на Фото-сојузот на Македонија. Под наслов „Боите од Македонија“, изложбата ја организираше Нирнберг и Асоцијацијата за култура ИКОН, под патронажа на ФСМ. Арсовски се претстави со фантастични пејзажи преку кои публиката можеше да ја запознае природната убавина на Македонија.
Во рамките на културната соработка, многу уметници го претставиле своето творештво во Нирнберг, меѓу кои и Родољуб Анастасов, Димитар Малиданов, Павле Кузманоски, Мирослав Масин, Сергеј Андреевески, Атони Мазневски, Решат Амети и многу други. Од Нирнберг во Скопје свои дела излагале уметниците од групата „Круг“: Хуберт Бауман, Крис Брудер, Ролф Футерер, Кристоф Герлинг, Хубертус Хес, Удо Калер, Петар Кампел и Томас Мај, потоа Кристине Акерман, Инге Гутборд, Кристине Никол и многу други.

Од Каталогот за изложбата
„Скопје-Нирнберг“ е насловот на изложбата која во 1988 година била отворена во Уметничката галерија Скопје, во Даут-пашиниот амам. Поставката била во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. Изложбата ја организирале Фото-клубот „Елема“ од Скопје и Фото-клубот „Нирнберг“. На изложбата биле поставени 66 фотографии. Ангел Гавровски, академски сликар, во уводот на каталогот напишал:
„Идејата за остварување на оваа изложба на уметничка фотографија дојде спонтано. Фото-клубовите се запознаа со дел од творештвото на своите членови, се роди заемно почитување за квалитетот на дејноста што ја вршат, на општо задоволство на збратимените градови во рамките на манифестацијата ,Скопско лето’. Вака создадаената културна манифестација заснована на творечки резултати ветува долго живеење. Да веруваме дека овој никулец ќе израсне во големо и отпорно стебло“, напишал Гавровски.






