40. „Мал битолски Монмартр“, прв без чичко Коста

Јубилејното 40. издание на „Малиот битолски Монмартр“ беше отворено синоќа во Старата битолска чаршија. Големиот јубилеј ќе биде поткрепен и со 39. Меѓународна изложба на детски ликовни творби „Битола 2021“. Годинава, изданието е без творецот на оваа светска манифестација, Коста Хаџи-Антоновски, кој почина почина на 13 март годинава.

Повеќе изложби низ познатите битолски улици најави Елена Хаџи-Антонова, раководителка на „Мал битолски Монмартр“. Таа најави дека сепак ќе има по некој гостин и од странство, добитник на Гран-при од Москва, гости од Србија, дипломати и сл. Ова е второ издание на фестивалот во ковид-услови, без младите ликовни творци кои го разубавуваа градот, вели таа.

 

фото: Јутјуб (ТВ Тера)

– Сепак достојно ќе го одбележиме јубилејот со прилагоден концепт. За многу кратко време Коста не го дочека јубилејот од 40 години, но ние ќе ја продолжиме неговата мисија и ќе ја развиваме – вели Хаџи-Антонова.

Фестивалот ќе трае до 27 мај, кога од 12 до 14 часот во Еко паркот во Градскиот парк во Битола ќе се одржи час по ликовно на отворено со децата од градинките и основните училишта со нивните ментори.

„Мал битолски Монмартр“ е поддржан од Министерството за култура и од општината Битола. Од септември, студиото во Старата битолска чаршија ќе биде повторно отворено за сите млади вљубеници во уметноста.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели