Кроасани, конвенционални колачи и новата линија функционални колачи од категоријата здрава храна од брендот 4U учествуваат на најголемиот саем за храна и пијалоци во светот, ГУЛФУД 2022 (GulFood) во Дубаи. Како иновативен македонски производ, оваа линија од колачите 4U беше поддржана и од Фондот за иновации и технолошки развој. Од „Жито Пром“, Гевгелија, единствената македонска компанија која ги претставува своите производи на ГУЛФУД 2022 велат дека процедурата за пријава за учество во Дубаи е прилично сложена, понекогаш трае и со години.
– Среќни сме што годинава можеме да бидеме дел од најголемото случување за прехранбената индустрија и што нашите производи од брендот 4U се „во друштво“ со најпознатите светски брендови на храна и пијалоци – вели Татјана Танева-Новаковска, менаџер на „Жито Пром“.
Гулфуд е најголемиот годишен настан што на едно место ги собира сите производители на храна и пијалоци од светот. Годинава се одржува од 13 до 17 февруари, а учествуваат повеќе од 4.000 компании од 120 земји. Традиционално, на листата на специјални гости се наоѓаат светски познати и наградувани готвачи (шефови), бизнис лидери, популарни говорници и претставници на многу влади. „Жито Пром“ е семејна компанија која во прехранбената индустрија работи повеќе од 25 години. Компанијата има сопственото производство на клучните состојки во производот како брашното и полнежите. Тоа што е специфично за кроасаните е дека самото тесто се подготвува со природен квасец – мајка, која е стара веќе 100 години и кај нас е донесена од Италија.





