4,5 милиони денари за Куќата на Робевци во Охрид

Со 4,5 милиони денари државата ќе поставува систем за греење и ладење во Куќата на Робевци каде е удомен Музејот во Охрид. Ова е најголемата инвестиција годинава во рамките на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2024 година на Министерството за култура. Во одобрениот проект пишува дека ќе се врши „набавка, исправка и монтажа на систем за ладење и греење во музејската зграда Куќа на Робевци во Охрид“.

Во рамките на меѓународната дејност ќе бидат потрошени 19.973.870 денари. Најголем буџет е издвоен за регионалните турнеи на Националната опера и балет и Ансамблот „Танец“ и за концертот на Фихрамонијата во Загреб. За балканаската турнеја „Фолклорна класична симбиоза“ во Нови Сад, Загреб, Бања Лука, Сараево и во Подгорица НОБ доби 2,3 милиона денари, а „Танец“ – 2 милиона денари. За гостувањето ан Филхармонија во Загреб се издвоени 2,2 милиона денари.

Буџети од по 1,8 милион денари добија: Драмски театар за Регионалната унија на театри „Рута“, Албански театар за „реализација на Фестивалот на Албански театар Моисиу во Приштина“ и НОБ за гостување на Оперската претстава „Набуко“ во Софија. Останатите проекти поддржани со повисоки суми се: гостувањето на Националниот џез оркестар во Загреб, Пула, Сплит и во Тирана со 700.000 денари, Ансамблот на албански народни ора и песни доби 600.000 денари за учество на фестивал во Брунсум, Холандија, а толкав буџет доби и Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ за претставување на Македонија на Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг. Камерниот оркестар од Битола доби 500.000 денаро за концерторт „Македонски евергрини“ во Виена. Останатите проекти во овој сектор се поддржани со по 200 илјади, 150 илјади денари и помалку.

Фото: Завод и музеј Охрид

Сподели