„Во чест на св. Трифун – современи ликовни поетики“ е насловот на изложбата на дела од 35 реномирани уметници од Балканот која синоќа беше отворена во Музејот и галерија во Кавадарци. Поставката претставува репрезентативен пресек на современи ликовни изрази и авторски сензибилитети. Иако иницирана од празничниот контекст, таа не е тематски дефинирана, туку функционира како отворена платформа за слободен уметнички израз.
Секој уметник учествува со дело по сопствен избор, афирмирајќи ја својата уникатна поетика, автономен визуелен јазик и индивидуален творечки пристап. Токму таа слобода на избор овозможува изложбата да се развие како простор на различности, каде индивидуалните авторски позиции коегзистираат во заедничка галериска целина.
– Секое дело функционира како визуелен есеј – како поле на истражување а не како финален одговор. Оваа изложба не претставува чиста акумулација на индивидуални поетики, туку отворено поле во кое тие се сретнуваат, судираат и меѓусебно се преобликуваат. Во тој поглед, изложбата се артикулира како критичка мапа на современиот визуелен сензибилитет, која не ја стабилизира сликата на сегашноста, туку ја проблематизира. Преку меѓусебните односи и тензии меѓу делата, таа го отвора прашањето за начинот на кој денес ги гледаме, читаме и ги разбираме визуелните форми – вели Трајче Цветков, историчар на уметност.
Со свои дела се претставуваат: Агрон Абдули, Илина Арсова, Решат Ахмети, Невзат Бејтули-Кица, Тања Балаќ, Трајче Блажевски, Љупка Василев Галазка, Ивона Велковска, Немања Вучковиќ, Илија Дојков, Роберт Дандаров, Христина Зафировска, Ана Ивановска, Хермес Цветанка Јованова, Мартин Камчев, Вања Кашавелска, Ванчо Кеков, Давор Кешќец, Ангел Коруновски, Павле Кузманоски, Игор Мишев, Стефан Младеновски, Ванеса Ода, Данчо Ордев, Никола Пијанманов, Никола Смилков, Дита Старова Ќерими, Ања Стојадиновска, Катерина Таневска, Денис Тенев, Дорина Тенева, Фехим Хусковиќ, Роберт Цветковски, Трајче Чатмов и Тони Шулајковски.





