Повеќе од 300 учеснички, бизнис-лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици од Португалија, Индија, Египет, Турција, Хрватска, Словенија и од земјите од Западен Балкан учествуваат на дводневниот Женски економски форум – Балкан 2024 што го организира Здружението на жени менаџери ЕЛИТ-Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија. Целта на настанот е сите заедно да ја обликуваат иднината каде жените имаат еднакви можности да водат, да успеат и да направат разлика. Според Ленка Угриновска, претседателка на Елит и претседавач со Г100 Крилото за комуникација, застапување имедијација за Македонија, настанот е дел од глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и глобалната мисија Г100 Милион.
– Целта на овие групации е економско зајакнување на жените, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женското лидерство – вели Угриновска.
Учесниците вчера дебатираа за важноста на одржливите деловни практики и влијанието на ESG известувањето врз растот на бизнисите, за предизвиците и можностите за жените во науката, технологијата, инженерството и математиката, на креирање на деловен пејзаж за кариерен успех на жените преку примена на стратегии за постигнување на професионален успех на жените.
– Денеска ќе бидат споделени искуства за постигнување на платежна рамноправност и обликување на иднината на жените во бизнисот, економска еднаквост, како и улогата на жените во одржливиот развој и зелената транзиција. Форумот ќе финишира со пристапот до финансии и можности за интернационализација – вели проф. Македонка Димитрова, претседателка на организацискиот одбор на Форумот.
Овие неформални глобални мрежи, претставуваат платформи за акција, соработка и напредок. Идеите што се споделуваат и партнерствата што се градат на овој Форум ќе имаат траен и значајно влијание врз нашите заедници, земји и светот во целина.
Насловна фотографија: Кабинет на претседател на Македонија