„В/редности и вредности“: 3.000 посетители ги виделе артефактите со кои се илустрирани македонските пари

Околу 3.000 посетители ги видоа археолошките предмети, македонското уметничко, архитектонско и природно наследство претставено нашите пари, кои во изминатоте шест месеци беа изложени во Музејот на Народната банка во Скопје. На изложбата по наслов „В/редности и вредности“ на авторката Катерина Христовска, публиката имаше можност да ги види охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона „Јошуа и Калеб“, боите на Шарената џамија, македонскиот афион и многу други. Музејскиот простор и поставките беа искористени за одржување интервјуа, дебати, излагања и јавни настани. Беа организирани и околу 100 предавања за ученици од основните и средните училишта.

– Седум македонски музеи ја поддржаа изложбата отстапувајќи ги привремено артефактите. Поставката овозможи увид во уникатната селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари од 1996 година до денес. Во рамките на поставката на отворената изложба беа изложени историските и културните вредности преточени на македонските пари. Во изминативе години Народната банка, како и преку изложбата, дава постојан придонес кон богатото историско, археолошко и културно наследство на македонската држава, заложувајќи се за натамошно зачувување на духовните и мултикултурните вредности на државата, преточени во ликот на македонските пари – велат од НБРМ.

Изложбата беше организирана како дел од активностите со кои Народната банка ја одбележа 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.

Сподели