Со 254.300 американски долари ќе се реставрира оштетениот Споменик на слободата во Кочaни, дело на академик Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ. Грантот е од амбасадорскиот фонд на Соединетите Американски Држави од кој досега во Македонија се инвестирани 1 милион и 600 илјади долари со кои се реализирани 16 проекти од областа на културното наследство.
Споменикот на слободата во Кочaни е граден од 1975 до 1977 година во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ за слобода од Илинденското востание до народноослободителната борба од Втората светска војна. Целосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 година и e најголемиот мозаичен монумент на Балканот. Конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесеттина години.

– Овој споменик за поновата македонска уметност е од огромно значење, зашто по својата уметничка вредност во времето во кое е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма, и важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Кочани.

Фото: Министерство за култура





