Изложба за 25 години археолошки истражувања на Големо Градиште кај Коњух

Со изложба на постери денеска во 13 часот во основното училипте „Кочо Рацин“ во кратовското село Коњух ќе бидат одбележани 25 години од почетокот на археолошките истражувања на локалитетот Големо Градиште. Археолозите го истражуваат локалитетот во рамките на долгорочен меѓународен проект помеѓу Археолошкиот музеј од Скопје и Колеџот „Гетисбург“ од од Пенсилванија, САД.

– Истражувањата континуирано откриваат остатоци од непознат доцноримски град, кој бил најголемиот урбан, економски, политички и религиозен центар во регионот, со неспоредлива црковна архитектура и скулптура. Новите откритија и сознанија се презентираат на домашни и меѓународни конференции и се објавени во бројни публикации во земјата и странство, со што локалитетот е добро познат во стручната јавност, особено онаа посветена на истражувањата на доцната антика на Балканот – велат археолозите.

Изложбата е дел од активностите за популаризација на овој исклучителен локалитет. Целта е да овозможи информации за локалитетот и за културното наследство во неговата околина, на сите заинтересирани случајни и намерни посетители, во текот на целата година.

Автор на изложбата е археологот Горан Санев, кустос советник во Археолошкиот музеј, а се реализира во рамки на проект финансиран од организацијата „Балканска музејска мрежа“, од Сараево, Босна и Херцеговина.

Целта на проектот е, преку промоцијата на уникатниот археолошки локалитет Големо Градиште – Коњух, да се поттикне развојот на културниот туризам во општина Кратово и да влијае позитивно врз јавната свест за значењето на културното наследство и неговата заштита од уништување. Таквиот потенцијал на локалитетот беше препознаен и од месното население и од општина Кратово, која, во 2017 година, преку Музејот на град Кратово отстапи дел од основното училиште „Кочо Рацин“ за потребите на истражувачкиот проект на Големо Градиште, и за адаптација на просторот во своевиден информативен пункт каде посетителите би можеле да добијат повеќе информации за локалитетот и другите археолошки знаменитости во атарот на село Коњух.

Сподели