Учебната 2025/2026 година почнува денеска за 245 илјади ученици – 177.800 основци и 67.200 средношколци, соопшти Министерството за образование и наука. Наставата ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кои ќе ја завршат годината на 15 мај. Обезбедени се учебници за сите ученици, за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици.
– Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми. Овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. За прв пат по седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик. Сите се испечатени и над 90 отсто од тиражот е веќе испорачан – вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според неа, со нов Закон за учебници во чија изработка учествувале сите засегнати чинители, меѓу кои и сите издавачки куќи во Македонија, системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години. Повеќе нема предмети во основното образование без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права и нема доцнење на испораката со месеци.
Јаневска вели дека во повеќе училишта условите за настава се значително подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното, но и за прв пат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.
Има инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура за што се обезбедени 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел во фаза на реализација.
Јаневска рече дека почнува примената на нов електронски дневник кој има значително подобри перформанси од претходниот и наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент.
– Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели – вели Јаневска.
Таа се заблагодари до професорите од Факултетот за информатика во Штип и најави и обуки за наставниците, кои на почетокот на учебната година.
Годинава освен 1346 образовни асистенти во основните училишта, за прв пат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а ќе им помагаат 130 образовни асистенти. За прв пат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив.
– Верувам во квалитетите на наставниците и очекувам мотивирани да ја започнат новата учебна година, во која секако, ќе имаат и ново зголемување на платите, онака како што се договоривме пред 1 година, од 7,5 отсто до 10 отсто во зависност од степенот на инфлацијата – вели Јаневска.
Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. А за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.





