Тие ја следеа Академијата за дигитален маркетинг што беше спроведена во изминатите осум месеци, преку Сеавус едукативниот и развоен центар (СЕДЦ) во соработка Impact foundation
Вештини од областа на дигиталниот маркетинг и како да го подобрат сопствениот бизнис стекнаа 20 жени и девојки од ранливи категории преку субвенционираната Академија за дигитален маркетинг што беше спроведена во изминатите осум месеци. Тренингот го организираа Сеавус едукативниот и развоен центар (СЕДЦ) во соработка Impact foundation. Проектот е дел од програмата RECONOMY, имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation, во партнерство со Impact foundation. Според Симона Костовска, една од тренерите за дигирален маркетинг, проектот е успешно завршен на задоволство на сите.
– Со голема постветеност на нашиот тим, одличниот интерес, но и работата на вредните учеснички, уште еднаш покажавме дека усвојувањето на нова дисциплина, нова професија, не само што е можно и корисно, туку знае да донесе целосно нов квалитет во животот на еден човек и да отвори многу нови можности и перспективи – вели Костовска.

Во текот на повеќемесечната програма на академијата, тие изучувале повеќе модули кои опфатиле голем дел од областа на дигиталниот маркетинг.
– Почнувајќи од креирање на различни типови на содржина, lead generation и e-mail маркетинг кампањи, воедно изучија модул и за креирање на кампањи и реклами за сите социјални мрежи. Модулите се заокружија со практично креирање на дигитална маркетинг стратегија, а со тоа можеме да кажеме дека кандидатките се подготвени од почеток до крај да креираат креативни кампањи за најразлични брендови – вели Костовска.
Според неа, неопходно е да продолжат ваквите иницијативи за поддршка и зајакнување на вештини на жени и девојки кои доаѓаат од најразлични категории и локации во нашата земја. Во брзорастечките индустрии како што е дигиталниот маркетинг, креативните умови треба да се поттикнат.
– По завршувањето на оваа академија секоја од кандидатките е подготвена да навлезе во светот на дигиталниот маркетинг како така наречен T-shaped дигитален маркетер и многу брзо да се прилагодат на барањата на идните потенцијални работни места без разлика на идустријата во која треба да работат. Покрај тоа, вештините кои ги стекнаа дефинитивно ќе им помогнат на сите жени кои имаат свој сопствен бизнис, за самите да можат да креираат дигитални стратегии и кампањи и да си помогнат во развојот и претставување на пазарот на својот продукт или услуга – децидна е Костовска.

Милена Јакимовска
Повеќе учеснички на академијата ги споделија своите искуства од предавањата. За Милена Јакимовска од Крива Паланка, која неодамна дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, дигиталниот маркетинг е област што постојано се менува и еволуира. Според неа, да бидеш дигитален маркетер бара постојано истакнување на креативноста и осмислување на соодветни решенија за исполнување на задачите преку изработка на креативни реклами, постови и текстови.
За Теодора Цветковска од Битола било најважно да научи како да помогне на еден стартап-бизнис, мала и нова компанија, па кога ќе почне свој бизнис да може да помогне и себеси.
Нејзината сограѓанка Марија Ристева е дипломиран менаџер по туризам и угостителство, со искуство во сметководство, во продажба и комерција. Таа е уверена дека сè што ќе научиш еден ден ќе ти користи и никогаш нема да биди залудно потрошено време и труд. За неа работата на себе е единствен влог кој трајно останува за нас и никој нема да ни го одземе во ниедни околности. „Живееме во ера на дигитализација и да се биде во чекор со времето и промените е од особена важност како би можеле да одговориме соодветно на околината и случувањата во неа“ вели Ристева.

Марија Ристева
Андријана Андреева, ликовна уметница од Скопје повеќе од една деценија се занимава со филигранство и го создаде својот бренд „Ани Соро“. Нејзиното мото е: „Учи, учи и само учи“! Таа смета дека во денешно време на глобален пазар, доколку не успееме да ги пласираме сопствените производи, исто како да не постоиме. Ова е една од причините што се пријавила на Академијата.

Андријана Серафимова
Младата Андријана Серафимовска од Скопје како дете го победила ракот на коски и денес е активен член на Здружението на граѓани САНО. Таа имала желба да се обучи во сферата на дигиталниот маркетинг, а Академијата ѝ ги надминала сите очекувања и мотивацијата да се надоградува себеси. Таа особено признание и благодарност има до инструкторките кои несебично се вложиле во предавањата и терпеливо им помагале да ја совладаат материјата.





