20 години од светската премиера во Венеција – „Прашина“ вечерва во летното кино на Кинотеката

Јубилејот 20 години од премиерата на „Прашина“ на Милчо Манчевски на отворањето на Венецискиот фестивал во 2001 година, вечерва во 20 часот, ќе биде одбележан со проекција во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката. Исто така, во 23 часот, вториот игран филм на Манчевски ќе биде емитуван на МТВ, а на фејсбук-страницата на Манчевски, во 21 часот ќе биде поставен линк за бесплатен стриминг на филмот.

Николина Кујача ја толкуваше главната улога

Билетот во Кинотека чини 100 денари, а секој посетител ќе добие подарок пакет од три дивидија со филмови во режија на Милчо Манчевски – „Пред дождот“, „Прашина“ и „Сенки“. Како вовед во емитувањето на МТВ, поместен е кус видеоесеј од директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов.

До 2001 година, ниеден македонски филм не беше отворил филмски фестивал. На 29 август 2001, „Прашина“ на Милчо Манчевски го отвори најстариот на светот, фестивалот во Венеција. На истиот фестивал 7 години претходно, Манчевски победи со дебито „Пред дождот“, пишува филмската критичарка Марина Костова.
Дваесет години од премиерата, „Прашина“ сè уште игра во бројни кинотечни и академски програми секаде низ светот, останува уметничко дело кое е предизвик за новите генерации и отвора теми за академски изучувања и есеи.

Дејвид Венам

Светската критика „Прашина“ го нарече „македонска Герника“, а Манчевски „кубист на сребрениот екран“. „Амбициозен и фасцинантен“, рече „Ла Република“, „Манчевски има ретка визуелна интелигенција“, вели „Вилиџ војс“. „Моќно, самоуверено и амбициозно филмско дело….Има доволно културен судир што на ‘Прашина’ му треба еквивалент на зен коан“, вели „Њујорк тајмс“.

Сподели