„2 Соби, Пандемија и Јас“ – изложба на фотографии на Христина Трајкоска

Изложбата „2 Соби, Пандемија и Јас“ на младата фотографка Христина Трајкоска ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во „Рудиќ Галерија“ во Скопје. Трајкоска ќе прикаже 23 различни концепти и емоции со кои се соочи за време на ковид-пандемијата. Нејзините автопортрети, во кои ги прикажува емоциите со кои сите ние се справивме, се фотографирани во 2 соби, спална и тоалет!

Ќе ни долови како се справила со пандемијата, 2 години оддалечена од сите, своето семејство, пријатели и од можноста да го работи она што го сака најмногу – портретно фотографирање.

Таа вели дека на почетокот била оттуѓена од себе и присиленоста да креира сама во тие 2 соби го гледала како пречка. Со надминување на нејзините изговори, ја вратила довербата во себеси, решила да биде ранлива и за промена таа да застане пред објективот. Се заљубила во самиот процес на креирање автопортрети и ја потврдила лекцијата – единствена пречка до успехот се нашите мисли.

На овој настан со необични фотографии и одлична музика од акустик дуото Полина Тасева и Иван Петровски, ќе се запознаете и со самиот процес на креирање на тие фотографии преку Behind the scenes видеа.

Сподели