2 години „Златен Елец“: Ете сме, речиси сите невработени, но со голема желба за секоја изведба на нашите претстави

Не ни е целта да се натпреваруваме, зашто театарот е далеку од тоа. Целта на независниот театар секогаш е друга и доаѓа од поривот за вистинска љубов и голема желба за работа, вели Бобан Алексоски, еден од основачите на театарот „Златен Елец“, кој утре одбележува две години постоење

Две години трае приказната за театарот „Златен Елец“, исто колку и ковид-пандемијата, која сопре многу културни процеси, но инспирира уметници и да почнат да создаваат. Актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова се „главните виновници“ што се роди ова здружение за развој на театарската уметност или независен театар. Формално постојат од февруари 2020 година, а неполн месец подоцна, коронавирусот стопира сè.

Но, тоа не ги обесхрабрило да ѝ дадат шанса на својата приказна, па летото добиле понуди за неколку фестивали и на Скопско лето ја изведоа монодрамата „Дневникот на лудиот 1“ во Сули Ан и „Не ми го чепкајј пивото“ во Куршумли ан, и двете претстави во режија на Ѓорѓи Ризески.

– Потоа следуваа: „Човекојадство“ (вториот дел од монодрамата Дневникот на лудиот), „Чувари на планетата“, „Која сум јас – One Wo/man comedy show“, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева. Игравме на неколку фестивали во државата, а годинава веќе следуваат интернационалните. Во март играме во Бурса, Турција со „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, а ќе имаме и две премиери во Скопје – вели Алексоски.

Во чест на роденденот, тие месецов изведуваат шест претстави. Петрова гостува со „Која сум јас“ во Скопје, Гевгелија и Богданци, а Алексоски синиќа ја играше „Човекојадство“. Утревечер во 18 часот во С.Ц „Невена Георгиева – Дуња“, Алексоски ќе ја изведе „Дневникот на лудиот 1“, а Петрова – „Која сум јас“ од 20 часот. Вечерта ќе ја прослават со jam session и дружење со публиката.

Бобан Алексоски

– Театар „Златен Елец“ во 2020 година играше на речиси сите театарски фестивали во државава, просторот што ни се даде, за нас беше голема одговорност и чест што сето тоа ни се случи уште во првата година од постоењето. Не ни е целта да се тркаме или натпреваруваме, зашто театарот е далеку од тоа. Целта на независниот театар секогаш е друга и доаѓа од поривот за вистинска љубов и голема желба за работа, најчесто. Државните театри активно ги следам повеќе од десет години. Се надевам дека ќе се врати новиот сјај и ќе работат како што заслужуваат, а публиката нема да остави да се тргне ни една претстава од репертоар. Ете тоа го посакувам и за нас и за државните театри во државава. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите што ни даваат простор: С.Ц. Дуња, МКЦ, Македонски народен театар и речиси сите Домови на култура, со ретки исклучоци – вели Алексоски.

„ДНЕВНИКОТ НА ЛУДИОТ 2 – ЧОВЕКОЈСТВО“ НЕ ВЕ ОСТАВА РАМНОДУШНИ: ХРАБРО Е ВО ЛУДИЛОТО ДА СЕ ЗБОРУВА ЗА ЛУДИЛО!

На прашањето како „преживуваат“ како театар, актерот вели дека за среќа, во 2021 година имале поддршка за да направат три проекти – еден со поддршка на Министерството за култура и два од Град Скопје.

– За некои од претставите бараме спонзори што тешко се наоѓаат, но кога ќе ги најдеме сме пресреќни што сме успеале, зашто сепак тие пари најмногу се вложиле за техничкиот и аудиовизуелниот дел на претставата, а дури од останатото делиме хонорари. Не е ни важно, главната и приватна заработувачка за жал ја црпиме од други места (кафулиња, хонорари), доста тешко темпо за опстанок, но ете сме, речиси сите невработени, но со голема желба за која било изведба на нашите претстави – вели тој.

Тој очекува поголема поддршка за независната сцена.

– Сакам поголема разбирачка околу тоа, да се следи подобро работата на театрите. На пример, тој што не работи ништо и нема многу можности, а понудил нешто квалитетно претходно и достигнало успех, да има предност, а не да биде обратно, оти кај нас со сè е така. Мојот Аксентие во „Човекојадство“ вели: „Само еден чекор треба да се направи, една препрека да се пречекори и сите среќно ќе си живеат. Но не.“

Во март, „Златен Елец“ планира и други претстави. На 2 март во МКЦ ќе ја играат „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, на 7 март во МНТ ќе следи премиера на претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска, кон крајот на март, Алексоски ќе го игра третиот и последен дел од „Дневникот на лудиот или Куќа на духови“. Исто така, режисерот Андреј Цветановски ќе ја постави „Вејка на ветрот“ во наредниот период.

Сподели