16 поети од седум земји оставија белег на отворањето на 4. Скопски поетски фестивал

16 поети од седум земји гостуваа синоќа на отворањето на 4. Скопски поетски фестивал во киното „Фросина“ во Скопје. Пред многубројната публика настапија 16 поети од 7 земји. Програмата беше отворена со „Сонцето денес не изгреа“ ‒ театарски танцов перформанс на актерите Енџи Николоска и Бојан Лазаров по мотиви од поезијата на учесниците. Преходно, на преднастанот „Диптих“ #3 беа претставени преведените поетски книги на Танос Гогос од Грција и Џејмс О’Лери од Ирска, а во фоајето на на МКЦ беше отворена изложба на Тома Димовски.

Денес програмата ќе продолжи со мастерклас за поетски филмови што ќе го одржат Одвеиг Кливе од Норвешка и Џејмс О’Лери од Ирска во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, а потем од 18:30 часот во киното „Фросина“ во МКЦ публиката ќе може да изгледа неколку нивни поетски филмови.

Од 20 часот, на истата локација во МКЦ, ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Марко Погачар од Хрватска, Вероника Динтињана од Словенија, Данило Лучиќ од Србија, Танос Гогос од Грција, Одвеиг Кливе од Норвешка, Џејмс О’Лери од Ирска и Катица Ќулавкова. Со овој настан ќе заврши официјалната програма на фестивалот, а неофицијално, во текот на утрешниот ден ќе се одржи уште едно интернационално поетско читање во природа и јога-час со Љубица Митревска.

Фестивалот годинава го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации, НОРЛА и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета.

Сподели