Скопје танцуваше на Diamond Dance Competition во ритамот на латино и стандардните танци, хип-хоп, класичен балет, модерен балет, акробатски танц шоуа, хип – хоп, инклузивен и пара танц, диско и уличен танц. Нашата голема посветеност, труд и енергија кои ги вложивме изминатиот период ни донесоа големи резултати и високи оценки од светската танцова федерација, велат организаторите од Dancers United од Скопје.

– Поставивме високи стандарди – 600 кореографии, 1500 танчери за два дена. Искуството нѐ мотивираше, желбата да ја претставиме Македонија во најдобро светло нѐ охрабри да го организираме Diamond на највиско ниво! Успеавме во тоа. Среќни сме што Македонија успеа да влезе во високи, светски, уметнички, танцови кругови. Презадоволни учесници, тренери, судии, гледачи. Посебно емотивни моменти двата дена на Diamond беа настапите на инклузивните групи од танцовите студија на Dancers United и Eureka кои како и секаде така и во срцето на Скопје беа наградени со големи аплаузи, поддршка, подароци и уште еднаш покажаа и докажаа дека танцот нѐ прави да бидеме посилни, посплотени и посреќни – вели Сара Кочан од Dancers United.
Со голема радост го очекуваме следниот натпревар на Diamond, да го славиме танцот во неговите многубројни форми и категории.

Натпреварот беше поддржан од Светската танцова уметничка федерација, Националниот танцов сојуз, Халкбанк, Пивара Скопје и Ананас.






