Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #2“, преднастан на „Скопскиот поетски фестивал“ чие трето издание ќе се одржи од 24 до 28 септември. На конкурсот пристигнале 54 пријави, а комисија составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот го направиле изборот. Избраните поети се: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Настанот ќе се одржи на 24 септември од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го/ја одберат најдобриот/најдобрата меѓу нив, за тој/таа да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 27 септември, заедно со другите учесници во официјалната програма.
– Им благодариме на сите што ни пратија песни за прочит и ги охрабруваме да продолжат да пишуваат. Ќе ни биде драго ако присуствуваат на сите настани во рамки на фестивалот, а особено на работилницата за креативно пишување поезија што ќе ја одржи еден од најистакнатите современи малтешки писатели, универзитетскиот професор Имануел Мифсуд ‒ велат организаторите.