140 средношколци и студенти од Македонија учеа за финансиска писменост

Повеќе од 140 средношколци и студенти од Македонија добија финансиски компетенции во рамките на проектот „Финансиска писменост за млади претприемачи – ФинЈес“ што го рганизираше Здружението на граѓани ЦЕФЕ Македонија. Повеќе од 20 едукатори, наставници, професори стекнаа знаења како да обучуваат млади лица за финансиска писменост преку користење на искуствени алатки. Завчера во Охрид, ЦЕФЕ Македонија спроведе натпревар во финансиска писменост за млади и завршна конференција каде беа прикажани резултатите од проектот. Истовремено беа понудени предлози за натамошно јакнење на финансиската писменост во Македонија.

– Знаеме дека Македонија, заедно со Романија имаат најнизок коефициент (56 отсто) на финансиска писменост на населението во Југоисточна Европа (57 отсто). Проектот им даде финансиски компетенции на преку 140 млади луѓе од Македонија – велат од ЦЕФЕ Македонија.

Целта на проектот е давање на основни финансиски вештини и знаења за водење и организирање на мал бизнис. Како иновативен производ од проектот се тестираа и се воведоа искуствени алатки и гемификација како наставни методи (борд гејм), како и организација на натпревар за финансиска писменост на државно ниво за младите од средните училишта и факултетите.

Во проектот беа вклучени партнери од образованието (СОУ „Љупчо Сантов“ Кочани; Младинска секција на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид; Универзитет за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ Охрид; Правен факултет при УКЛО – Битола; Економски факултет УГД – Штип; Факултет за земјоделски науки и храна при УКИМ – Скопје; СОУ Гимназија Јосип Броз Тито Битола; ДС Економско Училиште „Јане Сандански“ Битола; ДС Медицинско училиште „Др. Јован Калаузи“ Битола; Економски Факултет Прилеп; Американските Катчиња во Струга, Штип и Битола; Приватната Гимназија „САБА“ Штип; како и СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип).

– Вклучените професори искажаа дека овој начин на работа ги вклучува подеднакво сите ученици и им дава можност самите да истражуваат и заклучуваат, и дека им ја зголемува ефективноста на достава на научените теми. Професорите и наставниците ќе ги користат алатките во секојдневното работење и сакаат натпреварот да прерасне во традиционален натпревар за финансиска писменост – велат од ЦЕФЕ Македонија.

Проектот е кофинансиран од Американската амбасада во Скопје, а реализиран од ЦЕФЕ Македонија и нивните партнери и соработници. Се спроведува од октомври 2023 до април 2024 година на целата територија на Македонија. Вкупната вредност на проектот изнесува 30.000 долари, од кои Американската Амбасада во Скопје финансиски го поддржува со 24.000 долари.

ЦЕФЕ Македонија е посветена организација која има за цел да промовира претприемачки дух и компетенции за економските актери на Македонија.

– Нашата мисија е да обезбедиме алатки базирани на ЦЕФЕ методологијата и ресурси за индивидуалците да постигнат финансиска независност и успех. До сега сме обучиле повеќе од 10.000 лица во државата на преку 800 организирани настани – велат од ЦЕФЕ Македонија.

Фото: ЦЕФЕ Македонија

Сподели