На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ја претстави и личноста и значењето на уметникот
120 години од раѓањето на Томо Владимирски, еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност ќе бидат одбележани утревечер во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Ќе бидат изложени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на уметникот. Изложбата ја подготви Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија. Поставката ќе биде отворена еден месец.
Томо Владимирски
– Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед. На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела – велат од Националната галерија.
По повод јубилејот, со изложбата се става акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит.
– Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност – вели Франговска.
На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ја претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на уметникот во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му дадеме една мултимедијална димензија и разновидни сензации.
Томо Владимирски (1904-1971) е роден во Скопје. На почеток на дваесеттите години се школувал во Белград, кај професорите Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Милан Миловановиќ и Иван Радовиќ. Во 1935 година завршува Академски курс во Белград. Од 1935 до 1937 година специјализира кај професорот Јакуб Обровски на Уметничката академија во Прага, каде ја отвора својата прва самостојна изложба во Тиршов дом. Следуваат самостојни излошби во Скопје, Битола. Од 1939 до 1965 година работел како сценограф во Македонскиот народен театар. Реализирал студиски патувања во Русија, Италија и во Франција. Починал ненадејно на 14 септември 1971 година.
Фото: Национална галерија на Македонија