12 поротници, ниту една вистина: Познатите лица, неизречените предрасуди и сликата на македонското општество

Ангажирањето на многу популарни актери може да биде продукциски атрактивен потег, но од драматуршка и режисерска перспектива носи одредени ризици. Но, токму тука се крие проблемот, во обидот да се постигне „тежина“ преку препознатливи лица, претставата понекогаш паѓа во замката на површност и се развива на штета на драмската веродостојност

Пишува: Звонко Димоски

Претставата „12“, поставена на сцената на Македонскиот народен театар, во режија на Синиша Евтимов, претставува храбар обид за адаптација на култниот текст „12 гневни луѓе“ (1954) од Реџиналд Роуз во македонски контекст. Дванаесет поротници мора да донесат едногласна одлука за вината или невиноста на млад тинејџер обвинет за убиство на својот татко. На почетокот случајот изгледа јасен, и речиси сите се подготвени да го прогласат обвинетиот за виновен. Но поротникот број 8 изразува сомнеж и бара темелна дискусија. Во текот на драмата поротниците постепено ги преиспитуваат своите предрасуди, лични ставови и мотивации, што доведува до длабоки судири и психолошка напнатост. Темите што ги обработува текстот се правдата, предрасудите, индивидуалната одговорност и интегритетот, како и моќта на разумниот сомнеж во правниот систем.

„12“ на МНТ не е само критика на правосудниот систем, туку и огледало на колективната (не)совест на општеството. Судирот на поротниците ја открива тежината на предрасудите и моралните дилеми кои се универзални, но и специфични за нашата локална социјална реалност. Соочувањето со сопствените предрасуди и морални недоумици носи голема емотивна тежина, а за актерите претставува и личен предизвик, бидејќи овозможува длабоко нурнување во човековата сложеност и несовршености. Токму преку тие судири на сцената се откриваат слоевите на правдата, совеста и одговорноста што се подеднакво и универзални и специфични за општеството во кое живееме. Така, „12“ не ги обвинува само системските механизми, туку и секој поединец што е дел од нив.

Со атрактивната актерска екипа составена од добро познати имиња како Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јованоски и Сашко Коцев, продукцијата привлекува големо внимание и станува дел од пошироката поп-култура во Македонија. Ангажирањето на многу популарни актери може да биде продукциски атрактивен потег, но од драматуршка и режисерска перспектива носи одредени ризици. Но, токму тука се крие проблемот, во обидот да се постигне „тежина“ преку препознатливи лица, претставата понекогаш паѓа во замката на површност и се развива на штета на драмската веродостојност. Присуството на ѕвезди често води до преиспитување на актерската трансформација, односно дали гледачот навистина го гледа ликот, или ја гледа личноста што ја игра улогата? Таквиот ефект може да го поткопа драмскиот интегритет на претставата, особено, како во случајов, кога индивидуалните стилови и сценски присуства почнуваат да доминираат над режисерската целина.

Режисерот Евтимов, познат по своите лесно консумирачки и комерцијално успешни претстави со комичен карактер, овој пат прави драстичен пресврт. Наместо смеа, добиваме сериозна драма. Наместо гротеска, проба за морална дилема. Сепак, ваквите транзиции не се секогаш целосно убедливи. Во изведбата се чувствува недостаток на режиска строгост, често како секој актер да ја води својата линија според лична интуиција, без јасна колективна рамка, што резултира делови од претставата да делуваат како колаж од индивидуални настапи, наместо кохезивна драмска целина.

Во претстави како оваа, каде што целата акција се одвива на едно единствено место, одржувањето на напонот и ритамот е исклучително важен предизвик. Некои актери внимателно го градат секој момент, посветувајќи внимание на деталите, од интонацијата до малите гестови, со што се одржува живиот дијалог и сценската динамика. Но, други изгледаат како случајно да се нашле седнати на масата (Веселинов, Микиќ), или пак, и покрај визуелните промени, премногу потсетуваат на самите себе (Михајловски, Џамбазов, Коцев, Ристановски), што ја загрозува очекуваната карактерна трансформација во ваква драмска структура. Сепак, има исклучоци кои се вистински двигатели на претставата, пред сè, Ѓорѓи Јолевски кој дава длабока, контролирана и емотивно интелигентна креација, носејќи ја драмската тежина со автентичност, како и искуствена сценска професионалност. Јордан Симонов, исто така убедливо ја прикажува психолошката комплексност и внатрешниот конфликт на својот лик. Гораст Цветковски и Оливер Митковски (иако прегласен), пак, нудат хумористичен одблесок во мрачниот тон, а нивната симпатична комичност е понекогаш неопходна, иако благо ја поткопува сценската напнатост.

Еден од најзабележливите и најдискутабилни режисерски избори во македонската адаптација на „12“ е неопределеноста на етничкиот и социјалниот идентитет на обвинетото момче. Во споредба со оригиналната бродвејска драма на Реџиналд Роуз (2004), позната по својот остар драмски фокус и експлицитен социјален контекст, или со адаптацијата на Никита Михалков (2021, филмска адаптација 2007), која длабоко го интегрира етничкиот конфликт во наративната структура, каде обвинетиот има мексиканско, односно грузиско потекло, македонската верзија изгледа како да ја избегнува оваа директност. Иако таквиот избор може да се брани како стремеж кон симболичност, тој истовремено ја ограничува острината на силниот социјален и политички коментар, кој само делумно останува реализиран. Во контекст каде што предрасудите често имаат име, јазик и конкретна адреса, ваквата неодреденост се покажува како суштински амбивалентна. Од една страна, таа може да се чита како поттик за публиката да ја согледа приказната преку универзална морална призма. Но, од друга страна, таа може да се протолкува и како пример за т.н. „идеолошко прикривање“, феномен што според социјалната психологија и теоријата на социјалниот идентитет, означува колективна неспремност или страв од именување и соочување со болните, но реални, етнички и културни тензии. Публиката во Македонија, која живее во контекст на длабоко вкоренети општествени предрасуди, неминовно ќе си постави прашања од типот на „Кој е обвинетиот? Дали можеби е Ром? Албанец? Навивач? Нашинец? Трансродово лице?“ Овие прашања го разоткриваат слојот на „невидлива рамка“ на предрасуди, кои, иако не се директно именувани во претставата, сепак активно функционираат во колективната свест. Теоретски гледано, отсуството на јасна етничка идентификација може да биде обид за надминување на бинарноста „ние“ и „тие“, што често ги храни предрасудите. Но, во локален контекст како македонскиот, каде етничките тензии се не само присутни, туку и политички инструментализирани, ваквиот режиски избор ризикува да се доживее како форма на „социјален имунитет“. Таквата режиска одлука не само што ја симболизира општествената недефинираност, туку и ја потенцира нашата неспособност да ги артикулираме најосетливите теми што не делат.

Македонскиот народен театар со „12“ го открива товарот на колективната совест, но и дилемите што ги носи изборот на ѕвездена актерска екипа и избегнувањето на директниот социјален дијалог. Ваквите решенија не треба да се разгледуваат изолирано, туку како дел од поширокиот културен и продукциски контекст, бидејќи истите ја отсликуваат сложеноста на македонското општество и неговите ограничувања, не само во уметничка, туку и во симболичка и политичка смисла. Театарската постановка добива целосна тежина само кога постои прецизна синхронизација помеѓу идејата, формата и интерпретацијата, а во „12“ делумно како да останува во просторот меѓу амбицијата и реализацијата. Во крајна линија, ваквиот пристап ја става претставата во осетлива рамнотежа помеѓу уметничката амбиција и општествената одговорност. Двојноста меѓу тежнеењето кон универзалност и избегнувањето на локалниот конфликт го прави режискиот избор истовремено и симболичен и проблематичен, односно отворен за интерпретација, но и подложен на критика. Сепак, токму во ваквите тензии се отвора просторот за продуктивен дијалог помеѓу уметноста и општеството.

Фото: Од изведбата на „12“ на Охридско лето

Сподели