Таа ù припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност
„110 години од раѓање“ е насловот на изложбата на дела од Лена Стефанова, основоположничка на ликовната уметност во Македонија која утре во 12 часот ќе биде отворена во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Пригодно обраќање ќе имаат историчарката на уметност Викторија Васева-Димеска и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија. Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова, а ќе биде поставена до февруари.

Автопортрет 1951-53 год.
– Голем предизвик е организирањето ваква изложба и одбележувањето 110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова. Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво – велат организаторите.
Стефанова ù припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност. Таа има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност. Се школувала во престижното француско училиште (EcoleFranco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства.

Грне, 1945 год.
– Во ова школо таа цртала, сликала, изработувала акварели и се посветила на учењето на занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството – велат од Националната галерија.
Стефанова била член на Друштво на ликовните уметници на Македонија од неговото формирање во 1945 година и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Димитар Белогаски и други. Од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.

Портрет на Ромка 1950-55 год.
– Таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично – велат организиторите.
Исполнета со чувство за новото време и свесна за новите состојби и синтези во уметноста, Стафенова ја развивала и продлабочувала потребата да ја експлоатира традицијата, да го резимира она што го учела и да го изостри критериумот за избор.
– Компонентата што ја урамнотежуваше, посредно коегзистенцијата на сезанизмот и естетскиот рационализам, стана еден вид подготовка за ликовната естетика која го обележа карактерот на нејзиното творештво. Се определи за сублимирање на постимпресионистичките искуства, за реалниот однос кон природата, ставајќи го акцентот, уште на самите почетоци, на поетскиот реализам, на поетиката на мотивот, на автентичноста на уметничката порака, тргнувајќи од мотивот кон чувствата, кон барање на идентитетот, на реалниот и непосреден внатрешен живот. Во интимата на сликовните преобразби во природата, ја бараше атмосферата на мотивот за да создаде свои светови, врз контурите на визуелната стварност – велат кустосите.

Мртва природа (Кошничка со овошје) 1950 год.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи одрази и белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носела своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посветила на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлеела некоја носталгија и достоинствена тага, некоја коприна, под која тивко се слушалаа елегичната мелодија на нејзината животна приказна.
– Нејзиниот уметнички придонес е огромен иако животната судбина и била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот итн. Лена Стефанова твори до крајот на својот живот, во подоцнежните години тоа го постигнува седејќи до прозорецот и сликајќи до таму до каде што достигнува нејзиниот поглед. Активна, креативна, борбена во уметничката егзистенција, за новата форма и секогаш за човекот. Патокази во уметноста не постојат, постојат во светот на духот, умот, сетилата што, пред сè, во себе ги носи авторката за да цутат и да даваат плодови поскапоцени од материјалните добра – велат организаторите.
Фото: Национална галерија на Македонија





