Во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка во тек е меѓународната ликовна колонија, една од најстарите ликовни манифестации од ваков вид во нашата земја. На 35-то издание на ликовниот собир учествуваат ликовни уметници од земјава и од странство. Инспирирани од убавините на манастирот, тие ќе создаваат ликовни дела од 14 септември.
Според Јордан Михајловски, координатор на колонијата, оваа Меѓународната ликовна колонија e единствена која работи во сакрален амбиентален простор. На колонијата учествуваат 11 ликовни творци од земјата и странство: Данчо Ордев, Стефан Хаџи Николов, Мирјана Крстева-Масети, Валентина Илијевска, Лазо Ѓоргиевски, Нела Јанковска и Дејан Иванов-Маргуш, заедно со колегите Светозар Тасиќ од Србија, Снежана Мелник од Украина и Георги Андонов и Љубима Брдарова од Бугарија. Уметниците ќе творат на слободна тема, принцип со кој 35 години се негува слободата на духот и творештвото.
Создадените дела ќе бидат презентирани манастирската галерија, што е во функција на културниот туризам, во Градскиот музеј во Крива Паланка и во повеќе градови во земјата.
Фото: Од претходните изданија на колонијата





