Организирањето и функционирањето на бугарската окупаторска власт одела во насока на оправдување на новонастанатата ситуација дека Македонија е историски и етнички е дел од Бугарија, вели проф. д-р Марјан Иваноски од Институтот за национална историја

Иако на 11 октомври се извршила мала вооружена акција, сепак, овој датум е голем чекор за почетокот на националноослободителната војна на Македонија, во услови кога нацистичка Германија го достигнувала својот зенит и речиси цела Европа била покорена. За бугарскиот фашистички окупатор и неговата мегаломанска пропагандна машинерија тоа беше голем политички пораз. За македонските борци тој настан беше голема победа, затоа што народот ги прифати, ги поддржуваше, ги помагаше, вели во интервјуто за Умно.мк историчарот, проф. д-р Марјан Иваноски од Одделението за нова и најнова историја (1941 – 1991) при Институтот за национална историја.

Со него разговараме за околностите во кои почнала народноослободителната борба, што претходело на овие настани, како се толкуваат денес особено што прашањето на македонско-бугарските односи пред 80 години влегоа во фокусот на политичките односи меѓу Македонија и Бугарија денес.

Проф. д-р Марјан Иваноски

Во какви услови живеело населението во Македонија пред 80 години? Што довело до настаните на 11 октомври 1941 година?

– По распадот на Кралството Југославија и нејзината окупација од германските нацисти, Хитлер почнал да ја распарчува Југославија. При таа поделба поголемиот дел од Вардарскиот дел на Македонија ѝ беше доделен на Бугарија, а нејзиниот западен дел ѝ припаднал на Италија, која подоцна ѝ го отстапила на нејзиниот сателит Албанија. Еден ден по капитулацијата на Југославија, на 18 април 1941 година во Македонија навлегла бугарската армија која веднаш започнала со воспоставување на окупационата власт на подрачјето доделено од нацистичка Германија.

Поделбата на Кралството Југославија, април 1941 (Од монографијата „Велес во Втората светска војна (1941-1945)“ од Ѓорѓи Малковски, Скопје 2020)

Организирањето и функционирањето на бугарската окупаторска власт одела во насока на оправдување на новонастанатата ситуација дека Македонија е историски и етнички дел од Бугарија. Но, бугарскиот окупаторски систем истовремено започнал со преземање на природните, историските, културните и сите други богатства на македонската територија, а се започнало и со асимилирање и денационализирање на македонскиот народ. Асимилацијата на македонскиот народ бил еден од врвните приоритети на новите власти, па секакви македонски национални пројави биле жестоко казнувани. Апсењата, раселувањата, ограничувањето и строгата контрола на движењето, цензурата, заплашувањата и теророт ги одбележаа првите денови на „ослободувањето“.

Наставни програми подготвени за бугаризација на Македонците

Посебен акцент бил ставен на образовниот систем во „новоослободените територии“. За таа цел веднаш почнале да се обучуваат бугарски учители преку организирани курсеви. Наставните програми биле подготвени за бугаризација на Македонците, односно тежиштето се ставало врз предметите со бугарски национални карактеристики како што се: бугарска историја, бугарски јазик и култура, географија и др.

Западниот дел на Македонија, кој првично бил заземен од италијанската војска, бил под директна италијанска окупација до јули 1941 година, кога со декрет на кралскиот претставник на Италија во Албанија ѝ бил предаден на Албанија. Многу слично како и бугарските окупатори и окупаторите на западниот дел на Македонија имале цел да се прикажат пред населението како „ослободители“ и дека тие територии историски им припаѓале ним. Новите окупациски власти почнале со економско експлоатирање на македонското население, била вршена реквизиција и воведен данок спахилак (десеток) пресликан од времето на отоманското владеење.

Во Западниот дел македонскиот јазик бил строго забранет – официјален бил албанскиот

Образованието било ставено целосно во функција на новиот окупаторски режим, односно пропагирање на големоалбанската и фашистичката идеологија. Официјален јазик станал албанскиот и наставата се одвивала исклучиво на албански јазик, додека македонскиот бил строго забранет.

Сето тоа било неприфатливо за македонскиот народ. Еден окупационен систем бил заменет со друг и тоа било главна причина уште од првите денови окупаторите да се соочат со незадоволството на народот. Единствена сила која се спротиставила на новонастанатата состојба била Комунистичката партија на Југославија, односно нејзиниот Покраински комитет (ПК) за Македонија. Под раководство на Методија Шаторов-Шарло партиските организации на терен организирале воена обука и биле извршени неколку диверзантски акции: запален и уништен еден германски авион, потоа запален и еден германски камион, уништени две локомотиви и слично.

Уништената локомотива по диверзантската акција во септември 1941 година (Од монографијата „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“ од Александар Спасовски, Скопје 1984)

Потоа, на 22 август 1941 година бил формиран Првиот скопски партизански одред, кој кон крајот на август извршил напад врз Пиротехничкиот завод во Ханриево (Ѓорче Петров), каде што Германците го складирале заробеното оружје од југословенската војска во Вардарскиот дел на Македонија. Во почетокот на октомври 1941 година биле формирани Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред. На 11 октомври 1941 година, Прилепскиот партизански одред составен од 16 борци во Прилеп извршил напад врз бугарската полициска станица, затворот и биле прекинати телефонско-телеграфските врски и електричната инсталација. Бидејќи е прв посериозен напад врз окупаторски институции, денес 11 октомври го сметаме за почеток на востанието.

Од кои народни профили се создале првите партизански одреди? Како се издвоиле водачите?

– Најголем процент од борците во првите партизански одреди биле млади луѓе – студенти, интелектуалци, но имало и земјоделци и работници, па дури и ученици. Дел од студентите, поради новонастанатата политичка состојба, морале и да ги прекинат студиите и свесно да го земат оружјето во рака како единствен начин да се спротивстават на окупаторските власти и да го реализираат копнежот на македонскиот народ за своја држава. Сите биле членови на Комунистичката партија или нејзината младинска организација, која била единствена политичка сила со заложби за национална и социјална рамноправност на македонскиот народ во рамките на Југославија.

Првоборците од Прилепскиот партизански одред Мице Козар и Трајко Бошковски-Тарцан (Од монографијата: „НОБ на Македонија“, Скопје 1962)

Водачите се издвојувале по нивната способност, агилност, иницијативност и вештини. Воената комисија при Покраинскиот комитет за Македонија имала задача да ги формира партизанските одреди од истакнати и доверливи членови. Подоцна, Покранискиот воен штаб во координација со месните воени штабови го организираше почетокот на востанието. Од припадниците на првите одреди во прв ред ќе ги издвоиме Чедомир Миленковиќ, Борис Поцков, Благое Стефков, Јордан Цеков, Трајко Бошкоски-Тарцан, Киро Крстески-Платник, Васил Антевски-Дрен, Невена Георгиева-Дуња, Мице Козар, Крсте Црвенковски, Раде Јовчевски-Корчагин, Дане Крапчев и други.

Во тие околности, како се вооружувале партизаните? Каде наоѓале оружје и муниција?

– Вооружувањето било едно од најголемите предизвици со кои се соочувале првите борци од партизанските одреди. Еден дел од оружјето со кое се снабдувале било она оружје до кое успеале да дојдат по капитулацијата на југословенската војска (особено во селата), но исто така биле вршени диверзантски акции по магацините на окупаторските војски за набавка на оружје, муниција и друг воен материјал. Треба да се напомене и дека за потребите на партизанските одреди илегално функционирале работилници за муниција и експлозивен материјал.

Една од работилниците за оружје во Скопје за време на окупацијата (Од монографијата „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“)

Каква е важноста на 11 Октомври за слободата на македонскиот народ и конечното формирање на сопствена држава?

– 11 Октомври е симбол на македонскиот непокор и слободарските идеали. Всушност 11 Октомври е континуитет на борбата на македонскиот народ за слобода и обединување, борба која на најразличен начин била манифестирана во минатото преку вооружен и невооружен отпор уште од отоманското владеење. Иако на 11 октомври се извршила мала вооружена акција, сепак тој датум претставува голем и значаен чекор за почетокот на националноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и тоа во услови кога нацистичка Германија го достигнувала својот зенит и речиси цела Европа била покорена. За бугарскиот фашистички окупатор и неговата мегаломанска пропагандна машинерија тоа беше голем политички пораз. За македонските борци тој настан беше голема победа, затоа што народот ги прифати, ги поддржуваше, ги помагаше.

Бугарската полициска станица во Прилеп каде бил извршен нападот (Од монографијата „НОБ на Македонија“)

Сето тоа резултираше со долготрајна и исцрпувачка борба за слобода која од ден на ден се разгоруваше. Се формираа одреди речиси на целата територија на Македонија, се создаваа слободни територии, се формираа покрупни воени формации, па од неколку десетици борци во 1941-та, Народноослободителната војска на Македонија и партизански одреди да бројат околу 85.000 припадници. Круна на борбата беше АСНОМ одржано на Илинден 1944 година со што започна процесот на создавање на македонската држава.

По ветото за Бугарија за влез на Македонија во ЕУ слушаме различни толкувања на настаните околу 11 октомври 1941 година. Каков е ставот на науката? Што треба да биде застапено во нашите учебници по историја?

– За 11 октомври е многу истражувано, многу пишувано, како во минатиот политички систем, така и денеска. Македонските историчари се децидни дека тој датум е почеток на македонското востание против окупаторот. Во востанието покрај Македонците учествуваа и припадници на други националности кои негуваа слободарски дух и се бореа за македонска држава рамноправна за сите граѓани без разлика на националност, вера и слично. Јас не верувам дека во учебниците по историја ќе биде променета таа историската вистина и ќе бидат извртени фактите. Какво било извртување на историските факти е лага, а лагата и науката не смеат да одат заедно. Тоа бреме е претешко: „Лагата е срамна навика, срамот е постојан придружник на лажливците“ (Библијата девтероканонска: Mудрост Сирахова 20:26). Историјата не може да се промени, тоа е нешто што веќе се случило. Историските факти може само да се толкуваат, но не од кого било, туку само од стручната научна фела која смее да ги толкува врз основа на соодветна научна методологија базирана на оригинална архивска граѓа. Барем за периодот на НОВ на Македонија тоа е лесно, со оглед на обемна архивска документација со која располагаме.

Навлегувањето на германската војска во Македонија април 1941 година („Велес во Втората светска војна (1941-1945)“)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.