Во конкуренција на речиси 10.000 цртежи од 83 земји, цртеж на 11-годишната Јана Наумова од Скопје беше еден од малкуте наградени со Firsat Award на конкурс организиран во Јапонија. Меѓународниот ликовен детски конкурс беше организиран на темата „Човекот и природата“. Јана учествувала со цртеж што го имала создадено една година претходно. Нејзината мајка Менче Наумова објаснува дека иако цртежот бил испратен препорачано, не стигнал на време во Јапонија.

– Но, како вистинско новогодишно пакетче, на 31 декември препорачано стигна наградата. И Македонија има креативци што можат да стојат рамо до рамо со уметниците ширум светот – вели таа Наумова.
Братучетка ми е таа од која бев инспирирана да пробам да цртам. Почнав од мала, вели Јана.
– Не бев сигурна во себе и се чувствував како да немам успех во тоа што го правам, но со помош на поддршката која ми ја даде моето семејство и блиски јас со многу труд, упорност и вежбање стигнав до полето каде што сум сега, а на почетокот ми изгледаше неостварливо и невозможно. Ова е поле на кое доживеав многу успеси и изненадувања. Можам да кажам дека сум горда на себе што не прекинав да го развивам мојот талент преку кој покрај многу награди се соочив со хоби кое ме отргнува од реалниот свет и ме носи на тивко и безбедно место во мене во кое сум, среќна, инспирирана, задоволна, возбудена и спокојна, а тоа е цртањето, мојата страст. Па така мојот најголем успех досега е најновата награда која беше тотално неочекувана и пријатно изненадувачка. ,,Препорачано од Јапонија за Јана Наумова” гласеше насловот на среќната приказна на оваа награда и ова високо достигнување. Кога видов дека имам добиено прво место на меѓународниот конкурс JQA подржано од UNICEF во Јапонија на кој учествуваа 83 држави, односно близу 10 000 цртежи, занемев, не ми се веруваше, бев зачудена а на среќата и немаше крај – вели Јана.

Награден цртеж на Јана на конкурс за италијанската амбасада
Треба да се грижиме за животните и да ги чуваме бидејќи имаме многу видови животни кои се во опасност од целосно изумирање, порачува цртежот на Јана.
– За да се грижиме за животните и нашиот дом планетата Земја треба да се грижиме за природата и животната средина. Да не ја загадуваме со штетни гасови, да не фрламе отпад на секаде, да рециклираме и да ги користиме природните ресурси наместо вештачките кои се штетни. Изразувам огромна благодарност до моето семејство и сите што ме поддржуваа и се надевам дека мојата приказна ке испирира уште многу детски и неоткриени таленти, да веруваат во себе, да го прават тоа што го сакаат и што ги исполнива, да вложат трид и внимание во истото, да не се откажуваат и да прераснат во маѓични ликовни уметници кои ќе ги изразуваат на уникатен начин своите емоции, чувства и погледи на светот и иднината.
Јана е ученичка во шесто одделение во скопското училиште „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. Таа е ведро и упорно девојче со истражувачки дух, го сака сликањето, пишаниот збор, природните науки, но и одбојката.
Наградата од Јапонија не е прва за Јана. Таа освоила прво место за цртеж во чест на деновите на италијанската кујна во организација на италијанската амбасада. Нејзин цртеж бил награден со прва награда од Народна Банка, по повод деновите на штедење и 30 години од денарот. Прво место освоила и на конкурс за цртеж на Противпожарен сојуз на Скопје. На Детскиот фестивал на пишан збор „Ракатки“ освои прво место за песничка, како и второ место на државниот натпревар по природни науки во 2023 година.





