11. Битола Шекспир фестивал: „Стореното не може да се поништи“

Фестивалот почнува утревечер во 20 часот со премиерата на „Магбет“ во режија на светски познатиот унгарски режисер и сценарист Сабо Иштван. Со оваа продукција, битолскиот Народен театар не само што го отвора Фестивалот, туку и го одбележува својот 81. роденден, како и Денот на основањето на првиот современ македонски театар

Пишува: Звонко Димоски

Од утре до 21 ноември, Битола и Народниот театар од градот Битола ќе бидат домаќини на 11. издание на Битола Шекспир фестивалот – значаен меѓународен културен настан што повеќе од една деценија го афирмира делото на Вилијам Шекспир преку современи сценски јазици и иновативни режиски пристапи. Годинашното мото „Стореното не може да се поништи“, позајмено од шекспировата трагедијата „Магбет“, не е само еден обичен цитат, туку истовремено го носи и драматичниот одек и револт на времето во кое живееме. Оваа мисла, изговорена од Лејди Магбет во миг на вина и немир, денес звучи како огледало на современиот човек којшто ја носи тежината на своите постапки, и на општествата коишто ја живеат последицата од сопствените избори.

Фестивалот почнува утревечер во 20 часот со премиерата на „Магбет“ во режија на светски познатиот унгарски режисер и сценарист Сабо Иштван. Со оваа продукција, битолскиот Народен театар не само што го отвора Фестивалот, туку и го одбележува својот 81. роденден, како и Денот на основањето на првиот современ македонски театар.

Од Полска до САД, од Бугарија до Хрватска и Англија, различни театри ќе ти понудат своите толкувања на вечните шекспирови мотиви. Полскиот Драмски театар „Александар Венгерко“ ќе ја претстави „Дванаесеттата ноќ“, игра со идентитети и љубовни заблуди што ја слави комичната страна на човековата природа, според креативната визија на Игор Гожковски. Од Америка доаѓа „Лит Мун светско шоу“ со „Крал Лир“, во режија на Џон Блондел, којшто често низ својот шекспировски театарски јазик ја истражува границата меѓу лудилото и мудроста. Уште еден интернационален гостин, којшто не е непознат на домашната театарска публика. Македонската независна сцена ја носи „Еволуцијата на распадот“, проект на Артема театарска лабораторија по мотиви од „Отело“, во режија на Дамјан Димовски, како и корео-драмата „СамоТи(и)Ја“ во режија на Војо Цветановски (Здружение на граѓани Тим Театрос К), инспирирана од шекспировите сонети. На програмата е и хрватско-англиската монодрама „I, Peaseblossom/ Јас, Пизблосом“, како ревизија на шекспировата „Сон во летната ноќ“ од Тим Крауч, во режија на Филип Парр, како и Драмскиот театар „Стојан Бачваров“ од Бугарија со „Како што милувате“, во режија на Романецот Габор Томпа. Битолскиот театар, освен со „Магбет“, ќе настапи и со „Ричард Трети“ во режија на Мартин Мирчевски, претстава што со својот визуелен и психолошки интензитет ја продолжува линијата на длабоки, темни истражувања на човечката природа.

Битола Шекспир фестивал е член на Мрежата на европски шекспировски фестивали (European Shakespeare Festivals Network), заедница која ги поврзува највлијателните шекспировски фестивали (12) на континентот. Тоа значи дека Битола не е само домаќин на претстави, туку и активен учесник во европскиот културен дијалог, платформа каде што класиката се среќава со новите театрални јазици, каде што традицијата не се чува во рамка, туку се преиспитува и оживува.

Во времиња исполнети со неизвесност, драмите на Шекспир звучат како огледало на нашиот сопствен и колективен немир. Во театарот, секој изговорен збор живее само еднаш, но неговиот одек може да остане многу долго. И токму затоа, Битола повторно ја кани публиката, не само да го слави Шекспир, туку и да го доживее како колективно огледало, во кое сите гледачи ќе го видат сопствениот лик, својата вина, својата потреба за простување и својата љубов.

11. Битола Шекспир фестивал / 14 – 21 ноември 2025

14 ноември, премиера на НУ Народен театар Битола, Голема сцена 20 часот
„Магбет“ – Вилијам Шекспир, режија: Сабо Иштван (Унгарија)

15 ноември, Драмски театар „Александар Венгерко“ – Бјалисток, Полска, Голема сцена 20 часот
„Дванаесеттата ноќ“ – Вилијам Шекспир, режија и музичка адаптација: Игор Гожковски

17 ноември, „Лит Мун светско шоу“, Америка, Голема сцена 20 часот
„Крал Лир“ – Вилијам Шекспир, адаптација на текст и режија: Џон Блондел

18 ноември, Театарско здружение „Артема театарска лабораторија“,С. Македонија, Голема сцена 20 часот
„Еволуцијата на распадот“ по „Отело“ на Вилијам Шекспир, режисер: Дамјан Димовски

19 ноември, Здружение на граѓани Тим Театрос К Скопје, С. Македонија, Нова сцена 20 часот
„СамоТи(и)Ја“ – кореодрама инспирирана од сонети на Вилијам Шекспир, режија: Војо Цветановски,

19 ноември, НУ Народен театар – Битола, Голема сцена 21 часот
„Ричард Трети“ – Вилјам Шекспир, режија Мартин Мирчевски

20 ноември, Театарска продукции „Хани-тонг“ – Хрватска/ Англија, Нова сцена 20 часот
„I, PEASEBLOSSOM“ / „Јас, Пизблосом“ – монодрама базирана врз ревизијата на Шекспировата „Сон во летната ноќ“ од Тим Крауч, режија: Филип Парр

21 ноември, Театар и музичко продукциски центар – Варна, Драмски театар „Стојан Бачваров“, Бугарија, Голема сцена 20 часот
„Како што милувате“ – Вилијам Шекспир, режија: Габор Томпа (Романија)

Сподели