„10во12“ – изложба на дела во мал формат од Костадин Батев

„10во12“ е насловена изложбата на дела во мал формат од ликовниот уметник Костадин Батев која вечерва во 21 часот ќе биде отворена во кафе-барот „Нагоре“ во Струмица. Ќе бидат изложени 12 дела изработени во изминатите 10 години, кои се своевиден пресек на една декада творење на Батев и претставуваат целина од неколку засебни минијатури, графики и акварели кои коегзистираат и како засебни единки и како целина.

Изложбата ја организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста.

Според Митко Гогов, низ поставката публиката ќе има уникатна прилика да го погледне, доживее и препознае интимното илустрирање на внатрешните карпатести пречекорување, премостувања на Батев, метаморфозирање на емотивната потреба од преобмислување и редефинирање на спознаеното, тивок божествен восклик, но и деконструирање на традиционалните доживувања на формата, специфична фигуративност облеана со силен колорит, жестоки движења при создавањето и сурови и груби, но сепак маркантни потези кои симболизираат сигурност при формирањето на неговите ликовни светови.

Батев е роден 1979 година во Струмица. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, отсек сликарство со графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Струмица од 2000 година. Зад себе има 6 самостојни изложби и голем број групни претставувања и ликовни колонии.

Сподели