Во Струмица е отворена нова Градска уметничка галерија во која првата содржина симболично е 100 години струмичка ликовна уметност. Изложбата е во организација на здружението за култура „Транзен“ од Струмица, кое неодамна ја објави и монографијата посветена на стоте години од основањето на ликовната сцена во Струмица. На изложбата се застапени дела од неколку струмички ликовни уметници од различни периоди на сликарската традиција од овој регион и која низ еден хронолошки преглед се обидува да го претстави развојот на струмичката ликовна сцена, преку делата Григориј Пецанов, доајените Мучев и Христова нивните ученици и т.н. сѐ до денешните најмлади ликовни уметници.

– Уништувањето на уметничките дела од природни непогоди, немањето точна датација, одбивањето соработка од страна на некои уметници, оскудните податоци и информации, како и смртта на голем дел од уметниците кои како да однесоа со себе дел од „тајната“ на оваа традиција – сето тоа го отежнува критичкиот преглед и пристап, но остава простор за понатамошно истражување на нови генерации ликовни критичари – вели Марјан Минов, историчар на уметноста.

Струмичката современа ликовна уметност има долга традиција која со извесни прекини трае едно столетие, а која несомнено е поставена врз темелите на византиското и средновековното сликарство во овој регион, а пред сѐ на делата од роднокрајните струмички зографи: Ѓорѓи Велјанов, Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, од кои најистакнато место зазема зографот Григориј Пецанов, посочува тој.

-Нивната ликовна активност и појава е поврзана со македонското преродбенско движење во 19 век – тежок и мачен период исполнет со бројни војни и крвопролевања. Овие зографи не само што ги живописуваат црквите и сликале икони, туку истовремено помагаат во формирањето на македонската нација. Како потврда на тоа би го споменал портретот на поп Стојан, еден од организаторите и учесници во Разловечкото востание, изработен од раката на Васил Ѓорѓиев, како и сигнатурата на Григориј Пецанов на икона изработена за црква с. Челопече, Софиско, Р. Бугарија, а која гласи „ од раката на Григориј иконописец Македонец од Струмица“. Од друга страна, од зачуваните дела на овие зографи може да се види дека одлично го владееле сликарскиот занает и по ликовен квалитет стојат рамо до рамо со најпознатите и врвни зографи – мајстори од Мала Река – вели Минов.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.