100.000 евра за кампањата за „Оскари“ за „Приказната за Силјан“, годинава исплатени 55 филма и 36 фестивали

Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филма и 36 фестивали. 

Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во однос на Агенцијата за филм  се однесува исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што претходи на актуелното раководство, рекоа вчера на прес-конференција од Агенцијата. Тие појаснија дека таа ревизија се однесувала на  неколку избрани проекти, што не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година.

– Ги цениме укажувањата на ДЗР, кои претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на системите и процесите. Токму на тие реформи Агенцијата активно работи уште од почетокот на 2025 година. Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување. Активно се работи на изготвување Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот – рече Мицевски.

Новото раководство достави шестмесечен извештај за работењето до Владата, со што се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување. Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филма и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање.

Агенцијата најави дека активно ја поддржува и кампањата за „Оскарите“ на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава во можната номинација за престижните награди. National Geographic кој го купи филмот, за кампањата за „Оскар“ ќе издвои 600.000 евра. Иако филмот не е директно поддржан од Агенцијата, затоа што продуцентскиот тим не ни аплицирал за годишна програма за продукција на филмот, сепак, цениме дека филмовите треба да ги поддржеме и на ваков начин.

– Ова е патот по кој ќе продолжиме: поддршка, транспарентност, професионализам и создавање услови за нови филмски успеси. Веруваме во нашите автори и ќе направиме сè што е потребно за нивниот творечки потенцијал целосно да се реализира – рече Мицевски.

Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување, додаде тој.

-Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка. Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани – вели Мицевски.

Филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски од почетокот на годината до денес, ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија. Филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Фестивалот во Венеција, што претставува значаен успех за македонската кинематографија.

 

Сподели