10 години САБА Штип: Ова училиште ме поттикна да размислам подобро за мојата иднина

Покрај знаењето што го стекнавме во текот на школувањето, голем придонес во градењето на личноста што сум денес имаа многуте проекти преку кои стекнав огромни искуства. По скоро една година помината во Словенија, јасно гледам колку запознавањето луѓе од различни земји и култури и разговарањето на различни светски теми, ми помага во наставата, а и во секојдневниот живот – вели Иван Георгиев

Студирам архитектура на Факултетот за градежништво, прометно инженерство и архитектура на Унивирзитетот во Марибор, Словенија. Воедно сум демонстратор за предметот Цртање и визуелно изразување во прва година на додипломските студии за архитектура. САБА ме подготви за брзиот начин на живот во клучните факултетски години со нивниот формат на образование кој вклучува огромна поддршка за учениците да патуваат, да ги осознаат своите интереси и да ги развијат своите меки и тврди вештини – вели Дејана Маркова, која го заврши средното образование во Приватното средно училиште САБА од Штип, годинава, на насоката „Бизнис“.

Ова училиште годинава одбележува 10 години постоење, а јубилејот беше убава прилика некогашните ученици и нивните професори да се потсетат на убавите средношколски денови, но и животните лекции научени во четирите години образование.

Со пригодна прослава, каква што и доликува на убав јубилеј, во присуство на сегаш ни и поранешни ученици на САБА, родители, соработници, невладини организации и компании со кои училиштето има континуирана соработка.

– Нашето училиште се стреми кон овозможување висококвалитетна и современа настава, целосно подготвувајќи ги учениците за комплетно вклучување во современите општествени текови. Со посветеност, љубов, упорност, континуирана едукација секоја цел е остварлива – изјави на прославата, Виолета Пеева, координатор на САБА Штип.

Оксфорд, Милано, Хелсинки, Копер, Љубљана се само дел од градовите каде студираат учениците штозавршиле во САБА и каде покажуваат одлични резултати, а многу од нив се прогласени и за првенци во генерацијата.

– Благодарам за секоја пружена прилика од ПСУ САБА, почнувајќи од наставата, поддршката и мотивацијата од професорите и училиштето. Шанси за учество на Еразмус проекти, најразлични работилници фокусирани на секојдневни и актуелни теми, кои придонесоа за нашиот развој и да бидеме денес тоа што сме. САБА ме поттикна да размислам подобро за мојата иднина, ми помогна да остварам голем чекор кон успехот. Чест и задоволство ми е што моето средно образование го поминав во САБА Штип – вели Томче Сарафимов, ученик во САБА, а сега студент во Копер, Словенија.

На студии во Словенија замина и Иван Георгиев. Тој јавно изрази благодарност до професорите и сите што придонеле за неговото искуство во САБА да биде незаборавно.

– Покрај знаењето кое го стекнавме во текот на школувањето, голем придонес во градењето на личноста којашто сум јас денес имаа многуте проекти преку кои стекнав огромни искуства. Сега после скоро една година помината на студии во Словенија, јасно гледам колку запознавањето на луѓе од различни земји и култури и разговарањето на различни светски теми, ми помага во наставата, а и во секојдневниот живот. Особена благодарност сакам да изразам и за двонеделната пракса во Дрезден, Германија која ми ја овозможи САБА. Имав прилика не само да ги применам стекнатите знаења на практично ниво, туку и да се запознаам со работната култура и професионализмот во една високо развиена земја. Благодарам за сѐ. Среќна 10-годишнина САБА – Штип – рече Георгиев.

За успешна соработка во текот на сите 10 години, како и значителен придонес за напредокот на нашите ученици, на прославата беа доделени благодарници на неколку институции и организации. Општина Штип, Центар за Развој на Источен плански регион, Универзитет „Гоце Делчев“-Штип, Youth on board, Стопанска комора Штип, Американско катче Штип, Гласен текстилец, ЦЕФЕ Македонија, ФРЛЗ – Фондација за развој на локална заедница.

Post navigation

Сподели