10 години Dancers United – од бетон прерасна во место каде се танцува, се шири љубов

Клубот за танц Dancers United од Скопје деновиве ги одбележува 10-те години од своето основање. Со голема забава беше одбележан првиот поголем јубилеј. Пред присутните гости свое емотивно обраќање имаше Сара Кочан, која заедно со својот сопруг Нермин Кочан го основаа клубот.

– Се радувам што од бетон, Dancers United прерасна во место кое сега има душа, место каде се танцува, другарува, помага, има и се шири само љубов. Во своето 10-годишно постоење, Dancers United успеа да оформи извонреден танчарски кадар. Изминатата деценија во континуитет активно работевме на создавање, промоција и презентација на танцовата уметност кај нас, како и на нејзин пласман на светската танцова сцена. Целото свое знаење и искуство кое успеваме да го пренесме на нашите членови ни возврати со многу државни, европски и светски титули на кои сме посебно горди – вели Кочан.

Таа додава дека највлијателната одлука што ја донеле било да ги отворат вратите за специјалната група наменета за лица со Даунов синдром, со што ја оствариле целта, клубот да биде место за сите –  изјави Сара.

Во чест на јубилејот, Dancers United ќе подари пет стипендии на исто толку талентирани танчер за следната 2024 година, учество на сите национални натпревари на кои тие се дел, како и меѓународен натпревар кој вклучува котизации, превоз, престој и костими. Сите кои што се заинтересирани да бидат дел од Dancers United ќе можат да аплицираат до крајот на месец октомври.

Тие исто така најауваат и организирање голем меѓународен танцов натпревар Diamond Dance Competition кој ќе се одржи во април следната година.

Сподели