Креативниот потенцијал може да биде еден од водечките двигатели на економијата

Потребно е да се оформи добра стратегија со помош на интерактивно делување меѓу креативците и државата, беа воведните зборови со кои беше отворен „Форум Скопје – Секторски консултации“ што се одржа во „Јавна соба“ во Скопје

Ако е добро организиран, креативниот потенцијал на Македонија може да биде еден од водечките двигатели на економијата. Потребно да се оформи добра стратегија со помош на интерактивно делување меѓу креативците и државата, беа воведните зборови со кои беше отворен „Форум Скопје – Секторски консултации“ што се одржа во „Јавна соба“ во Скопје. Форумот го организира Министерството за култура и туризам, Британскиот совет и Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ.

Енди Брајдон, основач на меѓународната уметничка организација Curated Place, одржа извонредна презентација и пренесе дел од неговото огромно искуство кое придонело да ги трансформира местата преку културни настани и перформанси во соработка со тимови за развој на град, визуелни и дигитални уметници, композитори, перформери и музичари.

Форумот го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека креативните индустрии, во последните години во глобални рамки се покажаа како исклучително продуктивна и профитабилна област која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот на креативците и нивно соодветно валоризирање на пазарот.

– Министерството за култура и туризам во рамки на преземените активности во фаза е формирање е Совет за креативни индустрии составен од стручни лица, кои ќе изработат Национална стратегија за развој на креативните индустрии со Акциски план. Се преземаат подготвителни активности за изработка на ново мапирање на креативните индустрии во земјава по што ќе го објавиме и Конкурсот за финансирање проекти од оваа област. Верувам дека токму денешниот настан ќе биде одлична можност за размена на мислења, знаења и искуства за реализација на различни проекти кои ќе го зголемат влијанието на креативната економија и ќе ја збогатат културната понуда во земјава. Сево ооа ќе отвори нови можности за културна размена и соработка, ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена, ќе им овозможи на уметниците и дејците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти – рече Љутков.

Заменик амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер, рече дека нивното искуство покажува дека креативната индустрија од маргинализиран сектор прераснал во еден од петте водечки двигатели на економијата. Велика Британија во 2022 година во севкупната економија инкасирала 124 милијарди фунти со што станала една од петте водечки индустрии и бележи раст и понатаму.

– Креативните индустрии бележат двојно побрз раст на економијата од сите останати индустрии. Тие се и моќна алатка за развој на наративите и идентитетите на едно општество и се атрактивни за туризмот. Се надевам дека ќе продолжиме со соработката и во иднина вашата држава ќе покаже многу резултат, со оглед на троа што има голем креативен потенцијал – рече Филер.

Кирил Ѓозев од Унијата на македонските професионални асоцијации во креативни индустрии – УМПАКИ истакна дека заедничката визија за развој на креативните индустрии се доближува кон својата цел и се надева дека со креативците заедно ќе се изградат мостови со нови партнери.

– Благодарен сум за можноста да разговараме за унапредување на креативната економија. Како организација наша задача е да обезбедиме дека гласовите на креативците ќе бидат слушнати, а со заедничко дејствување ќе ја обликуваме нашата економија и нашето општество – рече Ѓозев.

По презентацијата на Брајдон следеа дискусии за издвојување на 10 приоритети за овој сектор во Македонија. Креативните професионалци дискутираа со своите колеги на повеќе теми: Градење нов идентитет преку големи културни настани; Зајакнување на комуникацијата во секторот (градење мрежа); Образование за креативни кариери; Подобрување на условите за креативна продукција;

Брајдон е обучен антрополог чија специјалност е културно позиционирање на ниво на град, на регион и на хипер-локално ниво. Тој е признат и искусен културен стратег, директор на фестивали и големи настани, едукатор како и уметнички продуцент. Освоил престижни национални награди во Англија и Шкотска. Неговото огромно искуство придонело да ги трансформира местата преку културни настани и перформанси во соработка со тимови за развој на град, визуелни и дигитални уметници, композитори, перформери и музичари.

Во Скопје е и Сузан Финеган, комерцијален директор на секторот култура во Ливерпул, која има над 20 годишно искуство во менаџмент на настани и бренд активација. Таа е дел од тимот кој стои зад успехот на Ливерпул – град на културата во 2008 година и Ливерпул – домаќин на Евровизија во 2023. Нејзината работа е признаена и преку низа национални награди и признанија.

Покрај овие искусни професионалци во рамки на „Форумот за креативни индустрии“, свои искуства пренесоа и: Хејли Пеплер, раководител на Култура, креативни индустрии и дигитална патоказна стратегија – West Midlands Combined Authority и Лејла Конвеј, раководител на Образование, кариера и вклучување на младите – London Legacy Development Corporation.

Сподели