„Тело на вистината“ – документарец за четири уметнички, меѓу кои и Абрамовиќ

Филмскиот дел од 11. Филозофски филмски фестивал неофицијално ќе започне со проекцијата на документарниот филм „Тело на вистината“ на Евелин Шелс, вечерва во 20 часот, на отворено пред Музејот на современата уметност. Пред филмот ќе се обрати д-р Вангел Ноневски, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Ова е прв настан „под ѕвезди“ како најава на претстојното 11. издание на Фестивалот што ќе се одржи од 27 мај до 3 јуни во Кинотеката.
Проекцијата на „Тело на вистината“ е прва соработка на МСУ со овој фестивал.

Марина Абрамовиќ

„Тело на вистината“ ја води публиката на емотивно патување низ биографиите на четири уметнички: Марина Абрамовиќ, Сигалит Ландау, Катерина Зивердинг и Ширин Нешат, кои трансформирајќи ги личните животни искуства на војни, насилство и опресија во земјите од каде доаѓаат, создаваат провокативни и радикални уметнички дела, што покренуваат низа прашања од политичко и општествено значење. Во нивната уметност, главен и најинтимен медиум со којшто се изразуваат се токму нивните тела.

Ширин Нешат

Тие заедно ги претставуваат најголемите конфликти на нашето време. Нешат од Иран, во егзил, ги истражува разликите во рамките на исламското општество. Абрамовиќ, ќерка на партизани од Црна Гора, повторно ги поставува прашањата за насилството, болката и тагата, како што ги искусува индиректно преку југословенските војни. Германката Зивердинг го испитува проблемот со фашистичките структури, од ерата на нацизмот, па сѐ до Пегида. Израелската уметница Ландау создава мотивирана од секојдневниот страв од терор во нејзината непосредна животна околина.

Катарина Зивердинг

Филмот ги поставува прашањата – дали историјата се повторува? Дали насилството и алчноста за моќ се во основата на човечката природа? Дали можеме подобро да го разбереме нашиот комплексен свет преку уметноста?

Сподели