46 приватни танцови клуба од земјава бараат финансиска поддршка од Владата за претрпените штети од минатата година, поради Ковид-19. Тие, исто така, бараат да се укине забраната за работа, која е донесена на 7 април и засега треба да трае до 27 април. Минатата година добија еднократна помош, но ги нема во новите пакети за помош и стравуваат како воопшто ќе продолжат да работат и од септември.
– Танцот е пред колапс, а 6.000 деца се спречени да ја вршат нивната омилена активност – танцувањето. Иако последните изјави на Владата се однесуваа на финансиско компензирање на сите правни субјекти затворени во изминатиот период, танцовите клубови не се на списокот на субјекти кои ќе добијат надомест на штетата. Бараме одговорност, бидејќи ваквата одлука е во најмала рака некоректна и нецелосно промислена – велат од танцовите центри.
Во текот на минатата година танцовите клубови беа први на списокот за затворање. Следејќи го примерот на нивните колеги од европски земји, самите создадоа протокол за работа кој беше одобрен по шест месеци од нивното затворање, во септември. Тие тврдат дека внимателната работа и следење на ковид-протоколите не дозволиле вирусот да се шири во танцовите центри.





