За да го изработи саркофагот во рокот, татко ми работеше ден и ноќ. Од државниот врв во 1946 година доби задача за 21 ден да изработи саркофаг за да се пренесат моштите на Гоце Делчев од Софија, објаснил Борис Несторовски, син на резбарот Нестор Алексиев Мирчевски во текст објавен во „Глобусмагазин“. Несторовски ја раскажува приказната за големиот копаничар кој со својата работа ги одушевил кралот Александар и Јосип Броз-Тито, а на Светската изложба во Берлин во 1938 година го освоил првото место и бил одликуван со Орден за посебни заслуги.

Саркофагот на поштенска марка
„Подножјето на ковчегот го сочинуваат четири лавовски шепи, тетра под со профирано цокле од сите страни со една вдлабнатина и две издадени хоризонтали. На предната страна во средината на барокниот медалјон има лаворов венец – симбол на победата, а во него е претставен ликот на Гоце Делчев. На страните се претставени тогашните грбови на Југославија и на Македонија. На задната страна врежана е симболичната порака на македонското знаме ,Смрт или слобода’ од револуционерниот комитет. Пред да ја заврши резбата на ковчегот татко ми стоеше замислен, загледан во него. Маката му била што во дотогашната работа во вакви случаи секогаш ставал крст. Дилемата му била дали во постојната политичка констелација смее да се изработи крст на саркофагот. Споделувајќи ја маката со присутните, ја добил поддршката и на рачката на капакот изрезбал стилизиран крст украсен со лисја. За крстот никој не му приговорил од властите“, раскажува Несторовски.

Од денешното чествување на 118 години од смртта на Гоце Делчев / Фото: Влада
Нестор Алексиев Мирчевски е роден е во Осој, Дебарско во 1873 година. Во својот осумдесетгодишен работен век оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент. Тој го одбележал континуитетот, одделните творечки достигнувања, како и залезот на резбата во Македонија. Во емисијата „Нестор копаничарот“ за Македонската телевизија снимена во 1996 година. Борис Несторорвски раскажува:
– Неговата дејност се одвивала во Југославија, Бугарија, Грција, Франција и во Белгија. Перфектно говорел 7 странски јазици – грчки, турски, албански, германски, француски, влашки и романски јаизк. Нестор имаше таква ерудиција која му одзволуваше тоа што го замислил директно да го пренесе на дрво или на цртеж, па да го изваја во дрво или во мермер – раскажува Несторовски.

Портрет на Нестор Алексиев Мирчевски
Заслуга на Нестор Алексиев Мирчевски е што вредниот иконостас од црквата „Св. Спас“ во Скопје не бил однесен за време на втората светска војна. Од 1951 година до 1954 година бил назначен за наставник по резба во Уметничкото училиште. На 81 година се пензионирал. Починал во Скопје во 1969 година. Меѓу попознатите дела за македонската јавност е мебелот во Матично во Скопје.
Целата приказна за Нестор Алексиев Мирчевски објавена во „Глобусмагазин“ е достапна на „Википедија“.
Извор: „Нестор копаничарот“
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





