Преку ден бевме наставници, навечер – ученици. Сите научивме да го цениме животот повеќе, а тоа е најважната лекција!

Наставниците и родителите, а особено учениците, вложија максимални напори да ги совладаат содржините предвидени со скратените програми. Ни недостигаа часови за читање и пишување, часови за вежби со математичките операции бидејќи во второ одделение се описменуваат учениците. Мислам дека сите кои посветено работат, го дадовме максимумот во вакви услови – вели Наташа Тодоровска, одделенска наставничка во „Ѓорги Сугарев“ во Битола

Ме плашат празните училници, не празни без ученици, празни без ресурси, со обични табли и стари проекти на хамер кои успеале да го издржат забот на времето… Сакам мојата виртуелна училница да ја имам и во реалната училница во новата учебна година. Сакам интерактивна табла, сакам печатач, сакам да имам таблети, сакам училницата да е голема и пространа, со широки и чисти прозорци. Да има мала кујна каде што можеме да пиеме чај со учениците и да грицкаме ужинки, да има мек тепих и полици со книги, големи перници, шарени завеси, чист паркет на кој можеме и боси да се шетаме… и клупи, се разбира, убави, шарени, со столчиња на кои ќе сакаме да седиме. Училница којашто ќе биде наша, којашто ќе ја сакаме како наша – вели Јулијана Талеска, наставничка по македонски јазик во ОУ „Св.Климент Охридски“ во Прилеп.

Каква беше оваа учебна година? Со какви предизвици се соочија сите – наставниците, учениците, родителите? Се чини како никогаш досега сите подеднакво се израдуваа на 10 јуни. Голем предизвик беше да се совлада техничкиот јазик за да може да се реализира наставата, но наставниците велат дека ова искуство треба да се користи и во иднина и кога би се вратиле со настава целосно со физичко присуство.

Јулијана Талеска: Преку ден бев наставничка, навечер – ученичка 

За Талеска годината била успешна и не треба да се занемари фактот дека всушност преживуваме вонредна, па дури и воена состојба, а кога човек ќе излезе жив и здрав од војна, тоа е неговиот најголем успех.

– Не беше лесно, постојано со предизвици. Уште од самиот почеток, нестабилноста на Националната платформа, непознавањето на „Тимс“, потребата за адаптирање на техниките и методите што ги користев во училница, нестабилен интернет, стар лап топ… Минатата година во која што немавме платформа, се снаоѓав со гугл-апликациитe. Исто така учениците немаа добиено обука, им беа пратени само упатства по кои требаше да се снајдат сами или со помош на родителите. Па требаше да го учам и нивниот дел за да можам да помогнам во виртуелната училница. За сите нас сè беше ново. Во текот на денот бев наставничка, навечер – ученичка. Гледав туторијали на „Јутуб“, ги следев Марија Петревска, Игор Богданоски и уште некои други колеги кои беа во чекор со времето… и она што го учев вечерта, го применував другиот ден. Беше напорно… Предизвикот не беше само тоа што требаше да научам како функционираат работите, туку и како мојот материјал, кој дел беше дигитализиран во ворд документи или презентации, пдф сл., дел го креирав попатно или го имав во печатена форма – да го приложам, да го прикажам и употребам пред учениците, а тоа да е интересно и интерактивно. Понекогаш беа потребни часови… некогаш беше многу интересно и корисно, некогаш паѓаше во вода целиот труд – вели Талеска и се потсетува на првите часови на почетокот на учебната година.

Јулијана Талеска

Заедно со учениците научиле многу нешта и се соочиле со многу предизвици, објаснува таа.

– Во некои денови држев 5. 6. 7. час, почнувавме подоцна… темница… одам во празно училиште… по ходници се слушаат пригушените гласови на неколку наставници по училниците, кои се обидуваат со сите сили да одржат час… празна училница, мрак… јас зборувам… тишина… Многу често препрашував дали ме слушаат. Интернетот беше слаб и не можевме да вклучиме камери, а на почетокот такви беа и насоките… Морав постојано да го проверувам каналот дали ме слушаат… дури и определив по еден ученик кој го викав ДА-ученик, да ми потврдува дали се слушам, дали го гледаат споделениот екран, дали се слуша звукот на видеото… Верувам дека учениците ги делеа истите чувства, слаб интернет, несоодветен уред, полна соба со членови од семејството, немање приватност, немање услови, потреба за дружење. Не беа сите часови интересни, не беа сите ученици мотивирани, но имаше и моменти на кои се гордеам и се радувам постојано – вели Талеска.

По сите искуства, таа заклучува дека класичното предавање повеќе не функционира и дека неопходно е проектната настава да биде приоритетна. На тој начин учениците се мотивирани, се набљудува нивниот напредок низ процесот и на финалниот производ учениците ќе се сеќаваат. Талеска вели дека образовниот систем ни е застарен и треба да се менува, веќе подолго време сите алармираат дека концептот на предавање, инфраструктурата на училиштата, ресурсите… многу работи го гушат образовниот процес и сето тоа влијае на знаењето.

– Мислам дека стекнаа знаење, можеби не на нивото кое беше очекувано или планирано, сепак многу е тешко да се одговори на ова прашање бидејќи мерливоста е невозможна или значително отежната. Ако направиш електронско тестирање, не можеш да добиеш реални резултати бидејќи нивото на сериозност кон процесот е многу ниско и од страна на учениците и од страна на родителите. Ако ги повикаш учениците со физичко присуство и бараш од нив да го повторуваат учениот материјал, сметам дека е нефер барање, зошто? Стравот од пандемијата, изолацијата во домовите, финансиски потешкотии, смрт во семејството, истовремени часови со брат или сестра – делење на уред… и многу други причини кои реално го спречуваа природниот тек на едуцирање не можат да ја дадат реалната слика – вели наставничката од Прилеп.

Талеска се надева дека наставата во новата учебна година ќе биде со физичко присуство, секако со протоколи за кои се сомнева дека ќе се спроведуваат прописно. Во однос на наставниот процес, се плаши дека, како се стабилизираат работите, ќе се вратат во  клупите и ќе продолжат по старо.

– Старото ме плаши! Се плашам да не се затвори порталот кој нè воведе во еден виртуелен свет полн со можности и предизвици. „Тимсот“ е прекрасна алатка, не би се откажала од таа платформа никогаш. Сите придружни апликации кои можат да се интегрираат: ClassNotebook, Microsoft Forms… па дури и календарот се нешто без кое јас нема да можам да продолжам да предавам. Сите идни консултации, па и дополнителна и додатна настава, проектни активности, состаноци на Актив, состаноци на тимови, совети… можат да продолжат да се одржуваат на „Тимс“. Некогаш и часови, зошто да не? – вели таа.

Наташа Тодоровска: Онлајн-оценувањето е дискутабилно

За Наташа Тодоровска, одделенеска наставничка во второ одделение во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола наставата во училница е незаменлива. Вели дека подготовката на часовите и’ била потешка бидејќи сè што планирала да работи во училница, се обидувала да биде видливо и за учениците кои се онлајн.

– Тоа значи дека изгледот на таблата, ресурсите што ги користев, активностите кои ги правевме во исто време беа достапни и за нив. Во ниту еден момент не ги исклучив од можноста за директна комуникација со мене и соучениците бидејќи сакав да се чувствуваат како да се во училницата. Голема благодарност упатувам и до општина Битола, која ни обезбеди нови десктоп компјутери  за да можеме да изведуваме онлајн-настава од училницата – вели Тодоровска.

Наташа Тодоровска

За разлика од лани, таа смета дека годинава е многу поуспешна, но не за сите ученици и наставници. Ги издвојува потешкотиите со децата од ранливите категогории, кои и при редовна настава не се баш редовни на училиште.

– Сега тоа беше повоочливо заради немањето услови. За нив наставниците редовно подготвуваа печатени материјали и одржуваа дополнителни часови. И оценувањето онлајн е дискутабилно, бидејќи знаеме дека присуството на родител до учениците како поддршка не се реален одраз на постигнувањата на детето. Сигурно дека учениците би постигнале подобри резултати доколку се одвиваше наставата во училница. Но и наставниците и родителите, а особено учениците, вложија максимални напори да ги совладаат содржините предвидени со скратените програми. Ни недостигаа часови за читање и пишување, часови за вежби со математичките операции бидејќи во второ одделение се описменуваат учениците. Мислам дека сите кои посветено работат, го дадовме максимумот во вакви услови. Благодарност и до родителите на поддршката – заедно со нив ги охрабривме децата да учат без да размислуваат за пандемијата, иако не ги симнуваа маските – вели таа и порачува:

– Пропуштеното во знаењето ќе го надополниме, но изгубените животи – тешко. Научивме да го цениме животот – а тоа е голема лекција!

Гордиана Ѓоргова: Ги согледав предностите на онлајн-платформите

Гордиана Ѓоргова е професорка по англиски јазик и координатор на диплома програмата на меѓународна матура во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје . Таа смета дека кога има предизвици за совладување секако дека се пронаоѓаат и креативни и нови решенија. Воведувањето електронски платформи беше eдна од стратешките цели во програмата бидејки повеќе години наназад оценувањето се спроведува преку онлајн платформата – e-coursework и IBIS, а професорите користат платформа на програмскиот ресурсен центар на Организацијата на Меѓународна матура.

– Секако дека не може да се направи споредба какви би биле резултатите кога би биле во училница, но сепак наставата доби нови димензии и се отворија нови можности за сите. Изостана социјализацијата на учениците и интеракцијата во живо, екскурзиите, патувањата, работилниците и меѓународната размена со физичко присуство. Сепак, мора да кажеме дека многу активности се реализираа преку онлајн-платформи и вебинари што на некој начин ги направија некои од овие настани поевтини и подостапни за поголем број учесници. Се направи огромен исчекор во воведување на електронски ресурски и примена на ИКТ во наставата. Иако ние наставниците веќе со години посетувавме обуки за примена на разновидни ИКТ алатки во наставата, сепак тоа беше само стихиен процес без да се согледа целата функција и можности на овие алатки, особено во услови на некомплетно опремени училници со стабилен интернет и компјутери во некои училишта. Сега со сигурност можам да кажам дека ги согледувам предностите на платформите како едмодо, тимс, зум, каде комуникацијата со учениците и колегите е многу лесна и економична со безброј можности за споделување информации, видеа, текстови, интерактивни квизови и датотеки како и место, каде може да се сочуваат електронските ресурси и наставни материјали како би се употребувале и следната година – вели Ѓоргова.

Гордиана Ѓоргова

Таа појаснува дека главно се соочувале со проблеми од технички карактер, кога ученици не биле во можност да се вклучат на час, но тоа биле ретки исклучоци. Од друга страна кога некој од учениците бил болен, сепак можел да биде во тек со она што се случува во класот и да работи од дома што не би било случај како кога порано во текот на зимскиот период имало повеќе отсуства од грипови и настинки.

– Сепак, најтешко им падна на учениците неможноста за дружење и социјализација за време на одморите и после часовите. Атмосферата во училница е нешто многу значајно за целиот клас и синергијата која се создава помеѓу нив со можноста да се осознае дека се дел од една целина која заедно размислува, спротиставува ставови, аргументи и развива критичко мислење. Сите со нетрпение чекаат да се вратат во училница и да продолжат со стариот начин на живот и да се надеваме дека тоа и ќе се случи. Сепак мислам дека искуствата од наставата преку онлајн-платформите кои се позитивни ќе останат да се применуваат во наставниот процес како современи алатки кои нудат пристап до неисцрпен број информации, електронски ресурси, видеа, филмови и наставни материјали – завршува Ѓоргова.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели