Наградата „Пегаз“ вечерва во рацете на Јована Матевска Атанасова за романот „Риба во(н) мрежа“

Во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе ѝ биде врачена наградата „Пегаз“ за 2023 година на Јована Матевска-Атанасова за нејзиниот роман „Риба во(н) мрежа“. Наградата се доделува за најдобар необјавен роман, а на свеченоста ќе се обрати жирито во состав: Николина Андова-Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“. „Пегаз“ е откупна награда и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

„Риба во(н) мрежа“ е роман за млади, кој на хумористичен начин им пристапува на темите што ги допираат современите тинејџери, нивната зависност од мобилните уреди, мултилингвалноста како феномен на Генерацијата З и нивната зачуденост пред реалниот свет. Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

Јована Матевска-Атанасова е родена во 1991 година во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог. Досега објавила осум книги: романот „Тамбовските снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), кој е дел од наградените книги на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за воведување млади автори во дигиталното издаваштво, психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021); збирката раскази „Гладоморје“ (2021) и збирката раскази „Три во тринаесет“, за која ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 година, од друштвото на писатели Битолски книжевен круг и сликовниците „Бунтот на бројките“ (2023) и „Шарени ириси“ (2024), која е адаптирана и на Брајово писмо, за слепи лица и лица со оштетен вид.

Добитничка е и на повеќе награди за кратки раскази: две откупни награди на конкурсите за краток расказ распишани од дневниот весник „Нова Македонија“ во 2015 и 2016 година, двоен лауреат е на наградата „Живко Чинго“ за 2020 (расказот „Гладоморје“) и 2021 година (расказот „Пура во Осака“), а во 2022 година ја добива првата награда на конкурсот за краток расказ распишан од Фондот на холокаустот, „Раскажи фотографија“. За романот „Риба во(н) мрежа“, нејзиното осмо дело, ја добива наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година. Нејзините раскази се преведени на англиски, српски и албански јазик, застапени во повеќејазични збирки и антологии. Пишува и книжевни и театарски рецензии.

На 5. конкурс за наградата „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 36 ракописи. Во потесна конкуренција влегоа ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов. Во меѓувреме, беше распишан конкурсот за 2024 година, кој ќе биде отворен до 1 јули. За наградата „Пегаз“ може да се конкурира со необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2024 година. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

Сподели