Отворање на биеналната изложба „Зимски салон“ на ДЛУМ

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена биеналната изложба „Зимски салон“ на Друштво на ликовни уметници на Македонија. Изложбата ќе ја отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Претходно присутните ќе ги поздрават претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, претседателката на Уметничкиот совет на асоцијацијата, Маја Рауник-Кирков, кураторката Лилиана Степанчиќ од Љубљана и Маја Крстевска од Националната галерија.

Концептот на изложбата и изборот на делата на „Зимски салон“ ја прави куратор од странство. Степанчиќ е реномирана словенечка ликовна критичарка со меѓународна, значајна биографија и кураторка на многу ликовни проекти.

– Во текот на своето повеќедецениско постоење, „Зимскиот салон“ се етаблира како значајна биенална изложбена структура што ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција. Тој претставува репрезентативен пресек на авторски практики, од афирмирани творци до нови генерации уметници кои преку разновидни медиуми, дисциплини и поетики ги артикулираат современите естетски и општествени прашања – велат од ДЛУМ.

Насловна фотографија: „Зимски салон“, 2018 година / Извор: ДЛУМ

Сподели