Големиот и значаен јубилеј се случува во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески
На Истанбулскиот универзитет денеска ќе бидат одбележани 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура. По овој повод денеска во 10 часот преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан посветен на лекторатот по македонски јазик во Истанбул. Организатор е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Настанот ќе го отвори ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а свои обраќања ќе имаат и ректорот на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Махмут Ак и генералниот конзул на нашата земја во Турција, д-р Актан Аго. Осврнувајќи се на големиот и значаен јубилеј што се случува во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, пред учесниците ќе се обратат и деканот на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Хајати Девели и деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, проф. д-р Анета Дучевска.
Во вториот дел свои излагања ќе имаат директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Таа ќе говори на тема „Конески – мостот меѓу двата универзитета, меѓу Скопје и Истанбул, меѓу двете земји и двата народа“. Раководителката на Катедрата за словенски јазици и литература, во чии рамки е Катедрата за македонски јазик и книжевност на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Емине Инанир ќе зборува на тема „35 години изучување на македонскиот јазик во Истанбул во светлина на 100 години од раѓањето на Блаже Конески“.

За работата на лекторатот по македонски јазик во Истанбул ќе зборуваат раководителот на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Ѓонул Узелли, некогашниот лектор по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Гордана Алексова и сегашниот лектор, м-р Марина Цветаноска.
– Особено радува ќе учествуваат студенти коишто го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет – Ајтен Атмаџа, којашто ќе настапи со песната „Убавите жени“ и Сила Екин со песната „Пеперуга“ од Блаже Конески. Овој значаен јубилеј – 35 години македонистика на Истанбулскиот универзитет е уште еден показател на одличната соработка меѓу УКИМ и Истанбулскиот универзитет, како и на мостот меѓу двете земји и култури, што и обврзува и понатаму да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот, но и на турскиот јазик, литература и култура во двете земји – велат организаторите.
Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот од оваа година, од којашто произлезе зборникот „Конески на 11 јазици“ промовиран минатата недела, како и по одбележувањето на јубилејот 45 години на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Со одбележувањето 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, УКИМ продолжува со низата активности за достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.
Насловна фотографија: Pixabay





