Македонски визуелни уметници: Ѓорѓе Јовановиќ вечерва на „зум“

Серијалот „Македонски визуелни уметници“ што го организира КСП „Јадро“ од Скопје вечерва во 19 часот во фокус ќе го стави уметникот Ѓорѓе Јовановиќ. Средбата ќе биде на зум-платформата. Оваа програма се реализира преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес. Разговорите ги модерира историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Јовановиќ припаѓа на генерацијата уметници кои се вклучуваат на сцената во почетокот на 21 век. Јовановиќ, е еден од нашите најприсутни и најактивни уметници на локалната и регоналната ликовна сцена, чија кариера континуирано се развива во повеќе различни насоки, акумулирајќи исклучително богат и репрезентативен опус.

Во последните речиси две децении, неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми се изложувани на бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Преку мноштво слики и цртежи, инсталации, објекти, интерактивни, партиципативни и колаборативни проекти, но и како иницијатор и организатор Јовановиќ дава значаен придонес во развојот на современата уметничка сцена.

Делата кои се препознатливи по еден специфичен тип хумор, допираат сериозни теми што се однесуваат на општествениот контекст, јавниот простор и слободата на изразување, отворајќи прашања важни во актуелните момент.

Во презентацијата, Јовановиќ ќе се осврне на еден специфичен дел од својот опус, преку дела кои се развивани со цел надминување на фокусот од уметничкиот предмет, во насока на интерактивност и колаборативност. Меѓу делата за кои ќе стане збор се „Депресијата на новогодишната ноќ“ (2005), „Рецесијата на новогодишната ноќ“ (2008), „Исповедите на еден јадач на колачи“(2010), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ (2014), „Радио Слободно Скопје (2015/16). Преку нив ќе ни открие повеќе и за својата инспирација, неговиот пристап, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се создадени, изложувани и презентирани.

Во разговорот ќе стане збор и за некои значајни меѓународни претставувања, како што е проектот со кој учествува на изложбата „Поголемо од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во MAXXI во Рим, курирана од Зденка Бадовинац.Ќе поразговараме и за улогата на институционалната мрежа во локалниот контекст, ќе се осврнеме и за учеството во колективот Свирачиња и Иницијатива Кооперација, како и за сегашната позиција во КСП Центар-Јадро, и значењето на реализираната и проектираната програмска активност во унапредување на локалната уметничка сцена.

Сподели