Македонскиот јазик, литература и култура 45 години се изучуваат на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов”

Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов” – јубилеј што е исклучително значаен за македонистиката. По овој повод, утре во 13 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан.

Настанот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” проф. д-р Никола Јанкуловски, а ќе се обратат: Н. Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија, Н. Е. Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов” и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ.

Работниот дел ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а ќе следат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов”, и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на универзитетот „М. В. Ломоносов”, а коишто како кадри пред сѐ излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков” и Институтот за македонска литература при УКИМ.

Ќе учествуваат: академик Ала Шешкен, професор на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, научен соработник на Институтот за славистика при РАН, член надвор од работниот состав на МАНУ; проф. д-р Максим Каранфиловски, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, д-р Елена Верижникова, доцент на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет, почесен доктор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј”; Роза Тасевска, од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ (некогашен лектор на Московскиот државен универзитет) и м-р Марија Пандева, актуелен лектор по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет.

Ќе учествуваат и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет – на сите нивоа, додипломски, постдипломски и докторски студии.

Во рамките на настанот, говорниците, одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без коишто отпочнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.

Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески”.

фото: Јутјуб

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели