Македонската ликовна уметност во 70-тите и 80-тите во МСУ

Повеќе од 80 дела создадени во 70-тите и 80-тите години од реномирани македонски уметници од денеска се изложени во Музејот на современата уметност на Скопското кале. Дела од Родољуб Анастасов, Јордан Грабул, Евгенија Демниевска, Ристо Калчевски, Танас Луловски, Петар Мазев, Ана Темкова, Анета Светиева, Глигор Стефанов, Велo Ташовски, Петар Хаџи Бошков, Симон Шемов и многу други се дел од изложбата „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и 80-тите години“ поставена на горниот кат во МСУ.

Куратор на изложбата е Марика Бочварова-Плавевска. Таа вели дека идејата на ова проектно размислување, како дел од серијата проблемски изложби, е да ги открие и зближи преодните предизвикувачки преобразби, делумно започнати во 60-те години, акцентирани преку 70-те години и на некој начин вклопени во 80-тите години.
– Продолжетокот на ваквите размислувања се битни и за 90-те години, бидејќи самата промоција на промените ја актуализираше возбудливата и транспарентна ликовна сцена кај нас – вели Бочварова.

 

Некои од делата се сопственост на МСУ, други се позајмени од Националната галерија на Македонија, од Музејот на град Скопје и од приватни колекции. Поставката ќе биде отворена до септември. Музејот за посетители е отворен секој работен ден, освен понеделник. Во сабота работи од 10 до 17 часот, а во недела од 10 до 13 часот. Посетата на изложбата ќе се одвива според пропишаните протоколи во услови на пандемија.

Фотографии: Станко Неделковски

Сподели