Колку тивко, најтивко молчиме, а ни се вреска

Посветено на монодрамата „Кармен“ во изведба на Биљана Драгичевиќ-Пројковска, во режија на Дејан Пројковски, премиера 21.05.2021 година

Пишува: Ана Тодоровиќ

„Кармен“ сум ја гледала како оперска, балетска и вчера за прв пат како театарска претстава. Оваа „Кармен“, во продукција на Драмски Театар – Скопје, во изведба на Биљана Драгичевиќ-Пројковска што режисерски ја обликуваше Дејан Пројковски, работена е по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес (1920-2010), шпански романсиер и еден од најважните автори на 20 век. Е, „Кармен“ на Бизе и „Кармен“ од Драмски дијаметрално се разликуваат. Еднава ја помнам во впечатлив црвен фустан со бели точки од која како огномет на сцената се распрскуваше сексапил, а другава што ја запознав деновиве, „типична“ или обична необразована домаќинка облечена во црнина, која штотуку го погребала својот ненадејно починат сопруг, па на сцената ги истура сите свои емоции и размисли што никогаш не успеала да му ги каже во лице на човекот со којшто го проживеала поголемиот дел од својот живот.

Да, терминот проживеала во ниту еден момент не значи дека ги одживеала заедничките години, оти да градиш соживот не значи да живееш. Оваа Кармен мечтае да поседува барем мал дел од сензуалноста на Кармен на Дон Хозе, оваа Кармен е Кармен од нашето маало, од нашата фамилија или уште пострашно, од нас самите. „Кармен“ на Биљана Драгичевиќ-Пројковска е втората монодрама толкувана од актерка што сум ја гледала на сцената на Драмски, првата беше пред едно три децении во изведба на Милена Дравиќ, а сум гледала уште три други, онаа на Зози („Дневникот на лудиот“), „Животинска фарма“ на Орвел во изведба на еден британски актер што гостуваше на „Скомрахи“, мислам во МКЦ, и една во Кино „Центар“ во изведба на Емир Хаџихафисбеговиќ. Ах, ќе ја заборавев и монодрамата на Сашо Тасевски. Монодрамата како облик на драмско изразување е ретко доживување на овие простори, веројатно затоа што иако изгледа едноставно, станува збор за комплексен драмски продукт којшто на сцената треба да го изнесе само еден актер, којшто пак во интеракција со самиот себеси треба да го задржи вниманието на целата публика и во ниту еден момент да не биде здодевен.

Кармен на Биљана Драгичевик-Пројковска не беше сама. На сцената беше и нејзиниот Марио на кого таа посмртно се обиде да му ги раскаже своите емотивни животни состојби кои, веројатно, немала храброст да му ги предочи додека бил жив. Марио стоеше обезглавен со безживотно срце како страшилото од „Волшебникот од Оз“ и нем ги слушаше сите расположенија на Кармен, којашто токму сега кога можеби и нема некаков особен ефект, насобрала храброст пред него да ги истури сите свои длабоко потиснати емоции, што животот во ниту еден момент не ѝ го направиле вреден за живеење. Нашава Кармен за час и половина на сцената на Драмски истури сè што ѝ лежеше на душа, како приказна од нашиот живот, хистерично среќна и екстремно тажна, Биљана Драгичевиќ-Пројковска почна тивко и воздржано за да се претвори во бура од емоции и да ме премисли и да ме замисли, но и многу едноставно да ме измисли и мене на сцената, оти нејзинава Кармен ја препознав во секоја жена, па дури и во онаа млада Ромка која умира од ножот на Дон Хозе.

Сите ние во пресметката за животот ги впишуваме фискалните за неизживеаност, непроживеаност и недоживеаност, а кога мечтите на крајот на животната фактура остануваат само мечти, слободно можеме да кажеме дека воопшто не сме ни живееле. На оваа Кармен, семејството и општеството одамна ѝ ја испишале судбината и ја подготвиле да ја изигра својата животна улога на послушна и потчинета сопруга, жртва на кариерата на сопствениот сопруг, на сосема обична мајка на неколку деца, улога на добра сосетка, на пријателка, на ќерка и жена, правејќи ѝ го животот сосема едноставен и толку невозбудлив што не може ни да се нарече живот. Апатијата и бесчувствителноста во којашто живеела Кармен и константното убиство на романтиката што го опкружувала нејзиното семејно секојдневие, Биљана Драгичевиќ-Пројковска го обои на сцената како холограм од онаа Кармен пред смртта на нејзиниот „сопатник“ и се обиде преку колоритните слики на потиснати страстни желби за еден поинаков живот да ни ја проектира онаа Кармен што клечи во секој од нас. И сценографијата на Валентин Светозарев кореспондираше до совршенство со карактерот на Кармен и нејзината секојдневна борба за воздух, оти неисполнувајќи си ги сопствените желби и копнежи се задушуваме, а сценските решенија нам како на публика ни овозможија да ги изброиме небројните обиди на Кармен да си отвори друга врата во животот.

Велат дека и по смртта има живот, па можеби ова е новиот живот на Кармен, по смртта на Марио. А го сакала и тоа најверојатно до крајот, а ги сакала веројатно и своите деца, па до некаде и својот монотон живот, но секому му недостига возбуда, па дури и на Кармен. Со првите неколку реченици на Биљана Драгичевиќ-Пројковска во кои опишува како престанало отчукувањето на срцето на Марио, можеме да ја видиме единствена вистина за животот на Кармен, живеела со маж чиешто срцебиење никогаш не го чула, живеела со образован човек кој со својата разумност едноставно си ги убил сопствените емоции. Во животот на Кармен не постои возбуда, нема страст, па дури ни љубов оти љубовта се покажува, љубовта е видлива и невозможно е да ја почувствуваш ако не ја допреш, ако не ја видиш со свое око. Кармен е се она што сме ние, сосема обични смртници, невидливи за светот, на крајот на краишта Кармен е Марио, таа е само женската верзија на незадоволството од сопствените избори, со кои сите ние живееме ден за ден.

Кармен е нашата гласност преку социјалните мрежи и нашата тишина во тет а тет средбите, оти Биљана покажувајќи ни ја Кармен во долгиот монолог со хелиумскиот балон, преку полупантомимиките нè натера да се видиме себеси и да согледаме колку всушност тивко, најтивко молчиме, а ни се вреска. Актуелноста на она што се случува на сцена не само што не е здодевно, туку нè вшмукува на сцената, нè влече како магнетно поле и потоа нè фрла назад како истресок, за да се погледнеме и да се согледаме ако можеме, оти тоа е најтешкиот момент во секоја театарска огледална рефлексија на самите нас. И да, потребна е хиерархија и ред во сечиј живот, но редот не значи ништо ако повремено не постои безредие. И кога би постоел втор дел од Кармен можеби и би имале можност да видиме дали нешто навистина се смени во животот на Кармен по смртта на Марио или поточно по испиеното пиво и новиот фустан со бела основа и ситни мали небесно сини коцки како од романтичните филмови од шеесетите.

На моменти страшно ми пречеше литературноста на преводот на делото што го направил Ненад Велковски, но потоа сфатив дека само така Кармен станува полуобразована, сè до оној момент кога некако од неа како вулканска лава ќе исплива примитивноста и нејзината неамбициозност и така на бранови, та сопруга на интелектуалец, та жена полна со ниски страсти од предворјето на зградата кај Стара железничка станица, којашто упорно се убедува себеси дека и повеќе од доволна била одлуката да се посвети на мажот, куќата и децата, а не на својата образовна наобразба и себеисполнување. И така лутајќи низ своето сопствено лудило Кармен се повторува и префрла самата себе од тема во тема нагласувајќи ги оние приказни кои и ја обојуваат црно белата фантазија и даваат фиктивна смисла на нејзиниот живот. И пред да се спушти завесата можеби и треба да си го поставиме единственото прашање од животно значење, каков начин на постоење избираме оти одлуките се тешки, можностите безброј, а оној побожниот во нас е во постојана животна спрега со оној ѓаволски среќниот јас.
Режисерското перо на Дејан Пројковски уште еднаш ја покажа неговата големина како уметник и неговиот перфекционизам како професионалец, костимите се на Раде Василев, музиката на Горан Трајкоски, а на сценските движења работеше Олга Панго.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели