Како светската наука го именува јазикот на Кирил и Методиј?

Создавањето на староцрковнословенскиот книжевен јазик во 9 век е важен историски настан од европско значење, пишува академик Петар Хр. Илиевски

Во најстарите извори јазикот на Светите Кирил и Методиј се нарекува  , пишува академик Петар Хр. Илиевски во книгата „Појава и развој на писмото“ со посебен осврт кон почетоците на словенската писменост, издание на МАНУ. Денеска, кога сиот словенски свет го одбележува 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, објавуваме делови од книгата на академик Илиевски, истакнат проучувач на старогрчкиот и латинскиот јазик, микенологијата, славистиката (македонистиката) и балканистиката.

Според Илиевски, истражувачите на овој јазик од 19 век го нарекуваат старословенски или црковнословенски. На хрватски е усвоен називот староцрковнославјански и старославјански за да се диференцира од словенски во современа Словенија. А. Лескиен во својата Grammatik der altbulgarischen (altkirchenslavischen) Sprache (1909) употребил термин староцрковнословенски, но и старобугарски. Денес во најчеста употреба е називот староцрковнословенски кога се мисли за најстариот период (9-11 век) прифатен и на Запад: француски vieux slave d’église, англ. Old Church Slavonic / Slavic; а црковнословенски за помладите варијанти, почнувајќи од 12 век наваму. Епитетот црковно (-словенски) е нагласен со оглед на неговата намена за црковна, богослужбена употреба.

„Но, бидејќи на тој јазик има напишано и небогослужбени текстови, со полно право може да се употребува и името старословенски. Колегите од Бугарија, со мали исклучоци, ги критикуваат двата термина (староцрковнословенски и старословенски) за словенскиот книжевен јазик од најстариот период како безизразни, а инсистираат на ,староб’лгарски’ како најсоодветен. Во еден полемичен осврт кон ваквиот став, изложен во постхумно објавената книга од Е. Георгиев, J. Hamm даде подробна аргументација за неговата неоснованост“, објаснува Илиевски.

Според него, по покрстувањето на кнезот Борис во 865 година дошло до „слевање“ на управниот слој од Аспаруховите Бугари со потчинетата словенска маса која го прифатила името како поданичко, а словенскиот јазик се наложил како официјален во тогаш опширната држава Бугарија. Но, тој процес започнал по создавањето на словенското писмо кога Кирил и Методиј веќе работеле во Моравија. Во Бугарија за време на кнез Борис и син му Симеон сè уште, покрај словенскиот, се зборувал и протобугарскиот. Меѓутоа, Хам забележал дека во преводот на Septuaginta, Методиј не употребил ниеден прабугарски збор и заклучил дека инсистирањето на називот „староб’лгарски“ за јазикот од најстариот Кирило-методиевски период е „легендарно претерување“.

Илиевски го пренесеува Хорас Лант, според кој „не е оправдано словенските ракописи од пред 1100 година да се прогласуваат за бугарски, македонски, српски, руски и др. црковнословенски, а историски најсоодветниот термин е општиот назив староцрковнословенски, зашто, бидејќи се пишувани на различни места (Македонија, Бохемија, Бугарија), тие содржат и многубројни јазични варијанти во изговорот, граматиката и речникот“.

– Не треба да се заборава дека староцрковнословенскиот е наддијалектен јазик; за основа му послужил тогаш жив словенски говор од југоисточна Македонија, но потоа врз него се наслоиле и елементи од други словенски говори. Во последно време е лансиран и називот старомакедонски (vieux macédonienne, Old Macedonian) кој, колку и да има оправдание со оглед на местото каде што настанал и континуитетот на јазикот што му послужил за основа, не одговара, зашто содржи асоцијација со античкиот македонски, кој не е словенски … Најправилно е јазикот од најстариот период на словенската писменост да се нарекува староцрковнословенски, меѓутоа не треба да се исклучи од употреба и називот старословенски поради гореспомнатите причини – пишува Илиевски во „Појава и развој на писмото“.

Илиевски заклучува дека просветителската мисија на светите Кирил и Методиј кај Словените била истовремено и далекусежна културолошка мисија. Таа е пред сè органски сврзана со јазикот и словото, како средство за комуникација и посебно со „буквеното слово“ како темел за национална култура.
– Создавањето на староцрковнословенскиот книжевен јазик во 9 век е важен историски настан од европско значење. Освен грчкиот и латинскиот, староцрковнословенскиот стана четврти литературен европски јазик во полната смисла на зборот; постари се само готскиот (4 век), англо-саксонскиот (7-9 век) и старовисокогерманскиот (8 век). Преводот и практикувањето на словенската литургија, пак, има посебно значење и привилегија. По грчкиот и латинскиот, словенскиот бил трет европски јазик на кој било дозволено да се извршува литургија со што, според средновековното сфаќање, тој се осветувал како и чесните дарови на службата што се осветуват со негово посредство. Од огромно значење е делото на Браќата и поради идеолошката подлога која, како силен фактор за понатамошен прогрес, ја поттикнала акцијата за создавање и книжевност на тој јазик …

Нивната мисија имала и поширока порака кон безбуквените европски народи, имено и тие да се угледаат на Словените. Германецот Готфрид од Вајсенбург (Елзас), близок до времето на Моравската мисија, како сведок изјавил дека „сега веќе мнозина угледни мажи почнуваат да пишуваат и да го слават Бога на сопствениот јазик и дека Франките во тој поглед не треба да изостанат. Така, контактите меѓу византиската цивилизација и Словените, преку просветителската мисија на Солунските браќа, збогатена со прогресивните идеи на Константин Философ, од балканскиот, поточно македонскиот простор, се одразиле и подалеку на север, запад и исток – вели Илиевски.

 

Насловна фотографија: Википедија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели