Иван Џепароски и Душан Стојковиќ – добитници на „Книжевен жезол“

Престижното признание „Книжевен жезол“ кое Друштвото на писателите на Македонија го доделува за поетски опус со исклучителни естетски вредности на еден домашен и на еден странски автор, годинава го добија Иван Џепароски и Душан Стојковиќ од Србија. Нивното творештво ќе биде чествувано во рамките на манифестацијата „Празник на липите“.

Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на три поетски антологии, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на книжевната критика и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004–2009; 2013–2021), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009–2013) и секретар на македонскиот ПЕН-центар (1999–2001; 2008–2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесетина стански јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во Бугарија, Србија, Романија и Косово. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011–2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) на албански јазик.

Душан Стојковиќ (1948, Белград, Србија) е поет, раскажувач, литературен критичар, есеист, преведувач. Уредник е на списанието „Шамадиски метафори“ (Младеновац) и член на редакциите на списанијата „Бдеење“ (Сврљиг) и „Нашата трага“ (Велика Плана). Академик е на Славјанската книжевна и уметничка академија во Варна. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и Повелбата на Друштвото на писатели на Србија за животно дело во 2019 година. Автор е на два обемни тома: Поетските стебла на македонската лирика и Македонската проза на српски јазик (2021), и на голем број избори, антологии, прегледи, панорами, критики, есеи. Негови дела се преведени на англиски, шведски, македонски, чешки и италијански јазик. Живее и работи во Младеновац кај Белград (Србија).

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

 

Сподели